Сабота 28 април
18 часот
Холокауст на канибалите (Cannibal Holocaust)
Харолд Монро, професор по антропологија од Њујорк
при посета на Амазон открива документарен филм сниман од тричлена екипа што се
води за исчезната. По враќање во Големото јаболко тој детално го прегледува
филмот, постепено запознавајќи се со чудовишната страна на „цивилизираната“
филмска екипа и мистеријата зад нејзиното исчезнување. Овој неповторлив и
уникатен филм за односите меѓу припадниците на примитивната заедница и
модерното општество своевремено беше забранет за прикажување ширум светот.
Далеку пред своето време, „Холокауст на канибалите“ претставува и појдовна
точка за современи класици како „Вештерката од Блервич“ и „REC“.
Држава: Италија
Година: 1980
Времетраење: 95 минути
Режија: Руџеро Деодато
Сценарио: Џианфранко Клерици
Улоги: Роберт Керман, Франческа Кијарди, Пери
Пирканен
20 часот
Треска (Shivers)
а.к.а. Тие дојдоа одвнатре (They Came from Within)
Станарите на една зграда во Торонто стануваат
инфицирани манијаци кои преку сексуален контакт ја шират својата инфекција,
како вампири кои трагаат по крв. Причината за ваквото однесување се генетички
модифицирани паразити кои предизвикуваат инфицираните да ги срушат своите
инхибици. Нивниот создавач е научник кој сфаќајќи што сторил во својот обид да
му помогне на човештвото убива една девојка, а потоа се самоубива. Прв
долгометражен филм на тогаш младиот и неискусен, а сега виртуозен генијалец
Дејвид Кроненберг, суров филм кој го содржи есенцијалот на неговата
бескомпромисна поетика и естетика на спознавањето на човечкиот организам заедно
со семето на уништувањето кое го носи во себе.
Држава: Канада
Година: 1975
Времетраење: 87 минути
Режија: Дејвид Кроненберг
Сценарио: Дејвид Кроненберг
Улоги: Пол Хемптон, Џо Силвер, Лин Лори, Барбара
Стил, Сју Хелен Петри
Недела 29 април
18 часот
Ноќта на живите мртовци (Night of the Living Dead)
Држава: САД
Година: 1968
Времетраење: 96 минути
Режија: Џорџ А. Ромеро
Сценарио: Џорџ А. Ромеро, Џон А. Русо
Улоги: Двејн Џонс, Карл Хардман, Мерилин Истман,
Џудит О Ди, Бил Хинзман
Во овој независен црно-бел хорор филм мртвите
оживуваат и се враќаат помеѓу живите за да ги убијат и изедат. Мала група на
преживеани луѓе се барикадира на една фарма која истовремено претставува и
нивна заштита и нивен затвор. Колку што е ова филм за зомбијата кои демнат во
ноќта, толку е и филм за луѓето кои се забарикадирани во куќата, за нивната
алчност, кукавичлук, подреденост, страв, наивност и глупост. Во суштина, „Ноќта
на живите мртовци“ е безнадежен филм против неуспехот на хипи движењето и
суровата реалност на Виетнамската војна чии што одблесоци се парафразирани во
моќна „cinema verite“ стилизација. Филмот ја има направено една од
најзначајните филмски револуции до ден денес, разнесувајќи ги ширум портите за
архетипот на зомбито, но и воопшто, воведувајќи ја ерата на графички
експлицитниот хорор филм.
20 часот
Зора на мртвите (Dawn of the Dead)
Епидемијата на зомбијата ја добива својата
експанзија и низ американските метрополи, заменувајќи го секојдневието со хаос
и пустош. Репортер, неговата девојка и двајца специјалци наоѓаат засолниште од
живите мртовци во еден трговски центар кој е опседнат до врв со зомбија, но
претставува и мета на група милитантни моторџии. Овој филм е една огромна
сатира на американското конзумерско општество, филм во кој заробениците во трговскиот
центар може да имаат што ќе посакаат, сé што може да се купи за безвредни пари,
освен нивната слобода. Во филмот заробениците поминуваат низ еден емоционален
рингишпил, каде моментите на среќа и радост се комбинираат со миговите на
безизлезност и губиток. Филмот ќе остане запаметен по одличната соработка меѓу
Ромеро и мајсторот на специјалните ефекти Том Савини.
Држава: САД
Година: 1978
Времетраење: 126 минути
Режија: Џорџ А. Ромеро
Сценарио: Џорџ А. Ромеро
Улоги: Дејвид Емџ, Кен Фори, Скот Рејнигер
Понеделник 30 април
18 часот
Црн Сабат (I tre volti della paura)
Оваа хорор антологија прераскажана од страна на
Борис Карлоф е составена од три сегменти. Првиот е адаптација на дело на Чехов,
приказна за медицинската сестра која ќе го украде прстенот на една мртва жена
која се смета дека била медиум. Втората приказна е адаптација на дело на
Снајдер, приказна за убиецот кој им се заканува на своите жртви со телефонски
повици. Третата приказна е адаптација на дело на Толстој, приказна во која еден
прогонувач на вампири кои самиот станува еден од нив и започнува да ги убива
неговите најблиски. Оваа антологија е многу значајна за колоритната естетика на
Бава и модернизацијата на италијанскиот хорор филм. Квентин Тарантино има
изјавено дека оваа антологија била голема инспирација за неговиот „Евтини
приказни“. Една од најзначајните италијански филмски антологии на сите времиња
со раритетната изведба на Борис Карлоф во улога на вампир.
Држава: Италија
Година: 1963
Времетраење: 92 минути
Режија: Марио Бава
Сценарио: Марио Бава, Алберто Бевилаква, Марчело
Фондато
Улоги: Борис Карлоф, Микеле Мерсиер, Лидија
Алфонси, Сузи Андерсон
20 часот
Не гледај сега (Don't Look Now)
Џон и Лаура Бекстер се во Венеција каде се
сретнуваат со две повозрасни сестри. Една од нив смета дека е видовита и дека го
забележува духот на починатата ќерка на Бекстерови како се движи по улиците.
Џон одбива да верува во такво нешто, но Лаура е заинтригирана од можноста за
конечно помирување со болното минато. „Не гледај сега“ е филм во кој
привиденијата стануваат реалност, а реалноста само привид, притоа вешто
инкорпорирајќи ритуали од окултистичка проминенција во модерна Венеција.
Базиран на делото на Дафне де Мауриер и со музиката на Пино Донаџио кој подоцна
ќе соработува со Брајан де Палма, Џо Данте и други, „Не гледај сега“ е магнум
опусот на извонредниот Николас Роег.
Држава: САД
Година: 1973
Времетраење: 110 минути
Режија: Николас Роег
Сценарио: Алан Скот, Крис Брајант
Улоги: Џули Кристи, Доналд Сатерленд, Хилари Мејсон
Вторник 1 мај
18 часот
Потстанарот (Le locataire)
Среде Париз од средина на 1970-те, повлечениот
бирократ Трелковски изнајмува апартман во кој претходната потстанарка –
египтолог – има извршено самоубиство. Соседите на Трелковски започнуваат чудно
да се однесуваат, наметнувајќи му чудни правила според кои треба да се однесува.
Тој ја посетува поранешната потстанарка во болница и по нејзината смрт смета
дека постои некаков заговор против него од страна на соседите за да го присилат
и тој да изврши самоубиство. Ова е дел од апартманската трилогија на филмови на
Полански која ја сочинуваат и „Розмариното бебе“ и „Одбивност“. Овој
клаустрофобичен филм е едно од најквалитетните филмски остварувања на Полански,
рендген на едно полудување на главниот лик, буквар на сето тоа што треба да го
има еден модерен психолошки хорор.
Држава: Франција
Година: 1976
Времетраење: 126 минути
Режија: Роман Полански
Сценарио: Роман Полански, Жерард Брах
Улоги: Роман Полански, Изабела Аџани, Мелвин
Даглас, Шели Винтерс
20 часот
Во устата на лудилото (In the Mouth of Madness)
Писателот Сутер Кејн исчезнува и никој не може да
го пронајде. Џон Трент оди во потрага по него, а следејќи ги неговите чекори го
открива неговиот авторски свет и бизарностите кои ги носи со својата
реалистичност. Дали уметничкиот свет е само фигмент на имагинацијата на некој писател
или е место кое со својата опскурност постои во реалноста? Овој филм евидентно
ја црпи својата инспирација од богатата литературна ризница на двајцата
великани на хорор жанрот, Х.П. Лавкрафт и Стивен Кинг. Целиот филм функционира
како еден бесконечен кошмар лебдејќи помеѓу реалноста и фикцијата. Ова е едно
од најзначајните хорор остварувања во САД во деведесеттите години на минатиот
век, а според многумина и последното вистинско ремек дело на Џон Карпентер.
Држава: САД
Година: 1994
Времетраење: 95 минути
Режија: Џон Карпентер
Сценарио: Мајкл де Лука
Улоги: Сем Нил, Џули Кармен, Јурген Прохнов, Дејвид
Вернер
Среда 2 мај
18 часот
Поседување (Possession)
Среде поделениот Берлин за време на Студената
војна, една жена го напушта семејството од непознати причини. Сопругот се
обидува да ја открие вистината и започнува да ја следи неговата сопруга.
Најпрво се сомнева дека е инволвиран друг маж, но во својата потрага тој
открива многу чудно однесување и низа на бизарни инциденти, нешто повеќе од
една посесивна љубовна афера. Ова е еден од најуникатните хорор филмови на сите
времиња кој содржи неповторлива актерска изведба од страна на Аџани. Овој филм
во кој потребата за поседување на брачните другари од едно психичко ниво
преминува во телесен посед на мистериозни сили. Ова е едно од најинтимните и
најсурови филмски остварувања на Жулавски, урнек на телесниот хорор поджанр и
раритет кој мора да се погледне во целост без удел на цензорите, во неговата
најмоќна форма.
Држава: Франција/Германија
Година: 1981
Времетраење: 127 минути
Режија: Андржеј Жулавски
Сценарио: Андржеј Жулавски, Фредерик Тутен
Улоги: Изабела Аџани, Сем Нил, Маргит Карстенсен,
Хајнц Бенент
20 часот
Денот на ѕверот (El dia de la bestia)
Воден од заклучоците базирани на кабалистичко
истражување на Библијата, баскиски свештеник утврдува дека антихристот ќе се
роди на Божиќ во Мадрид. Со помош на еден металец и водител на езотерична ТВ
пограма, свештеникот ќе се обиде да го повика Ѓаволот за да открие каде ќе се
роди неговото дете и потоа да го убие. „Денот на ѕверот“ е една од најдобрите
хорор комедии на сите времиња, филм кој своевремено има освоено тон награди за
потоа од необјасниви причини да биде заборавен. Филмот има прекрасни комични
сцени кои кои го симболизираат режисерскиот потенцијал на Иглесија, поигрувајќи
си со холивудските стереотипи во поглед на ритуалните инвокации на Сатаната и
жртвувањето кое треба да се направи за тоа да се постигне. Одлична пародија на
христијанскиот фанатизам, смела бурлеска, забава за целото семејство.
Држава: Шпанија
Година: 1995
Времетраење: 103 минути
Режија: Алекс де ла Иглесија
Сценарио: Алекс де ла Иглесија, Хорхе
Герикаечеверија
Улоги: Алекс Ангуљо, Армандо де Раза, Сантијаго Сегура
No comments:
Post a Comment