Thursday, November 24, 2011

Започна новата сезона на Danse Macabre




Дали добро си живеете со духовите во вашата проколната куќа? 



            На полноќ на преминот од 18 кон 19 ноември започна новата сезона на радио хорор емисијата Danse Macabre на Канал 103. Во првата епизода Јас, Ивица и Боки одлучивме да проговориме за еден од најстарите и најзначајните хорор архетипи - проколнатата, опседнатата, запоседнатата куќа. Во оваа 77 епизода одлучивме да зборуваме за духовите, демоните и останатите битија кои живеат во ѕидовите на вашите домови и тие мртви битија од куќата создаваат живо битие. Во емисијата зборувавме за практиката на создавање на раскази и романи за замоците од готскиот период на романтизамот за подоцна тие замоци со текот на времето да еволуираат во куќите од предградието насекаде во светот, дури и до Јапонија. Зборувавме за брановите на хорор филмови за опседнати куќи кои секоја декада стануваа актуелни, од најпопуларните American Horror Story, Paranormal Activity, Insidious, преку бранот на филмови предводен од The Others и Stir of Echoes, па назад во времето до комедиите Evil Dead и House, за да пристигнеме до сржта на овој поджанр со ненадминливите модерни класици Poultergeist, The Shining, The Amityville Horror, Burnt Offerings, The Changeling, The Sentinel за да завршиме таму каде што започнуваат клетвите во The Fall Of The House Of Usher. Зборувавме и за тоа што ја прави една куќа проколната, тајните од вината на гревовите на минатото кои се скриени во нејзините темели и за тоа колку во реалноста имало случаи на проколнати куќи и како Американците од тоа си прават бизнис. Во емисијата ќе слушнете одлична музика и тоа од Marilyn Manson, Bauhaus, Puscifer, The Flaming Lips, Christian Death, Dead Vampires и многу други.
            Снимката од емисијата кога ја преслушавме дознавме дека дел од духовите на Канал 103 се имаат инфилтрирано во фрекфенцијата и може да се слушнат нивните гласови како одекнуваат на снимката. Значи, не станува збор за технички проблем, туку имаме непоканети гости на снимката, односно ние сме тие што гостуваат во нивиот вечен дом, па затоа звукот е таков каков што е. Затоа предупредувам дека ќе имате проблеми со звукот на оваа епизода, но причините за тоа се од нечовечка природа. Се надеваме дека преку оваа снимка духовите ќе се префрлат и во вашиот дом. Затоа уживајте во хорор филмовите и слушнете ја наредната епизода на Danse Macabre на Канал 103 во петок, 25 ноември, по полноќ, а дотогаш слушнете ја првата епизода од новата сезона на линкот под текстот заклучени во вашите опседнати домови.           
 

Линк за емисијата (со духови)



Линк за емисијата (без духови)

http://ifile.it/5y1g0uf 

 
Куќата во Амитвил

 
Kуќата на American Horror Story

Куќата во Insidious

 
Changeling

 
House of Usher

Куќата во Poltergeist