Sunday, September 15, 2013

ЗАРОБУВАЧИ НА СМРТТА ВО КИЧЕВО




            Уметничкиот караван наречен „Заробувачи на смртта“ патува низ Македонија. Кичево е дестинацијата на која ќе бидат изложени творбите кои ги имаат создадено Златко Ѓелески и Игор Аврамоски. Причината поради која оваа поставка се сели од главниот град во другите градови е потребата да се доближат авторските дела до читателите и гледачите во останатите градови на државата кои не смеат да бидат сепарирани и игнорирани во поглед на модерните текови на уметноста. Жителите на овие градови имаат подеднакво право на уметност како жителите на главниот град. Уште поголемо задоволство претставува фактот што Игор и Златко голем дел од својот живот го имаат поминато во Кичево и оваа промоција ќе биде одржана на „домашен терен“ во градот во кој неговите жители биле голема инспирација за создавање на дел од ликовите и настаните во „Морбидизам“ и сликите и цртежите од кои е составена „Креатури на смртта“. Се надеваме дека успешната промоција која се случи во Младинскиот културен центар во Скопје од четврти и петти септември ќе се повтори и во НУЦК Кочо Рацин во Кичево на 21 септември.

  


            Златко Ѓелески е млад писател кој смело и вешто ја комбинира жанровската литература, конкретно хорор жанрот со психолошкиот трилер, надреализамот, научната фантастика, пародијата и бурлеската, филозофскиот егзистенционализам и фолклорните преданија, за сето тоа, преку механизмите на постмодернизмот, да го употреби за отворање на нова страница во македонскиот фантастичен расказ и создаде уникатни дела кои се вистинско богатство за македонската литература. Ѓелески останува истражувач на најтемните домени на човечкото постоење, таму каде што натприродното, непознатото изабранетото знаење ја имаат оформено својата империја, а тој со помош на зборовите ја преточува темнината на хартија. Ѓелески е борец за литературата на имагинарното а „Морбидизам“ е неговата лична карта и манифест на македонскиот фантастичен расказ.





            Како што Златко Ѓелески ја заробува смртта со помош на зборовите на листовите хартија во „Морбидизам“, така и игор Аврамоски со помош на боите ја овековечува смртта на сликарското платно. Ако Златко ги порекнува жанровските конвенции комбинирајќи ги со најразлични стилски формации за добивање на литературни хибриди кои не биле присутни во македонското творештво, така Аврамоски користи средства и материјали кои не се практикуваат во сликарските техники но тие експерименти водат кон нови и неистражени предели на ликовната уметност. Ѓелески и Аврамоски заговараат нова естетизација на грдото, самосвесно прекршувајќи ги сенилните уметнички принципи, создавајќи креации за кои на долго и на широко ќе се говори во иднина. Затоа Ве покануваме да бидете дел од овој уникатен и незаборавен уметнички настан.



            Дотогаш, „Морбидизам“ може да се набави во книжарите на Табернакул, Или-Или, Култура и Три.