Monday, September 24, 2012

КОШМАР 13-ТИ (Пролет/Лето 2012)




           Во септември се роди тринаесеттиот број на македонското хорор списание Кошмар. Покрај самата симболика со бројот на изданието Кошмар слави и четири години на постоење. Во таа чест, списанието подлегна на неколку промени со кои соодветно требаше да се симболизира овој премин. Списанието се зголеми за десет страници и сега вкупниот број на страници изнесува 50. Паралелно со тоа се зголеми и неговата цена – 80 денари, што повторно е под неговата вистинска вредност. За соодветно да се прослави неговата еволуција, направени се специјални интервјуа со најголемите и најзначајните хорор кралици на денешницата: Деби Рошон, Бјанка Барнет, Шенон Ларк, Јованка Вучковиќ, Силвија и Џен Соска - жени кои ги рушат сите стереотипи на жанрот. Вистинско богатство кое ќе им се допадне и на женските и на машките читатели на Кошмар. Покрај овие извонредни интервјуа со шесте прекрасни хорор режисерки и актерки, може да се прочитаат рецензии за најзначајните хорор филмови кои се појавија во периодот меѓу февруари и август оваа година, како што е одлично снимениот француски Livid, артистичкиот Beyond The Black Rainbow, The Divide на Ксавиер Генс, воениот Neprijatelj, готските The Moth Diaries и Woman In Black, американските Cabin In The Woods и Midnight Son и голем број на шпански, италијански и хорор филмови од Далечниот Исток. Како и секогаш списанието содржи и хорор комедии за кои вреди да се умре од смеа. Од класиците на хорор жанрот во овој број ќе може да се прочитаат анализи за Carrie на Брајан Де Палма, криминалистичкиот Angel Heart, Visitor Q на Такаши Мике, зомби комедијата Braindead на Питер Џексон, Twitch Of The Death Nerve на Марио Бава, It's Alive на Лери Коен - авторот чија филмографија е предмет на овој број и други. Серијалите за шокументарецот Faces Of Gore, Re-Animator, првата сезона на Fear Itself и Black Mirror исто така може да ги прочитате во овој број. Убиецот на овој број е Pennywise, а ќе може да го прочитате и продолжението на есејот за цензурата во хорор индустријата, како и текст за Хамер хорор продукцијата и фестивалски извештај за програмата на светските хорор фестивали и македонскиот Мракфест 1.666. Новитет во списанието е рубриката посветена на хорор стрипот и зголемен е бројот на рецензиите на хорор литературата, така што во овој број ќе може да прочитате анализа на дела на Марк Морис и Ѓорѓе Бајиќ, како и нов расказ на авторот на списанието. Музичките рецензии не се изоставени од 13-тиот тестамент на Кошмар. Овој број од списанието е испечатен на 50 страници со колор насловна страна и два црно-бели постери од Brain Dead и Beyond The Black Rainbow.
            Се надевам дека ќе ви се допадне овој број на Кошмар и ќе продолжите да го поддржувате излегувањето на ова списание со што ќе може да уживаме во нови изданија посветени на хорор културата во Македонија. Смрт за цензурата и политичката коректност. Да живее Кошмар 13-ти.          

Автор: Златко Ѓелески
Контакт мејл: koshmarmk@yahoo.com   
Контакт телефон: 071-602-119




Monday, July 23, 2012

Морбидизам на Златко Ѓелески


Морбидизам на Златко Ѓелески, Македонски Кошмар, 2012

          „Морбидизам“ е првата збирка на кратки хорор раскази на Златко Ѓелески. Таа е сублимат од хорор раскази кои се пишувани во период од пет години. Во неа има селекција од педесет хорор раскази, поделени во три групи: првата ги содржи расказите кои се напишани пред пет, односно четири години, втората ги содржи најдолгите раскази кои се напишани пред три години, а во третиот дел од збирката се наоѓаат последните раскази кои ги има напишано авторот. Тоа е најдобар начин да се забележи еволуцијата на неговиот стил и начин на пишување и изборот на теми кои периодично доминирале во неговата проза. Скоро сите хорор поджанрови се дел од оваа збирка, односно застапени се тие хорор поджанрови чиј конвенции и клишетизирани шаблони се предизвикуваат со експеримент во кој се предизвикува границата на нивното дејствување. Авторот во своите раскази употребува голем број на постмодернистички техники за поигрување со тропите на жанрот. Дел од ликовите на расказите се само одраз не нечие непостоење, тие се одблесоци од спомените кои ги имаме за некои луѓе и појави од далечното минато или пак се кошмарни визии за блиската иднина. Оваа книга е издадена под етикетата на дигиталната издавачка куќа која се нарекува „Македонски Кошмар“, создадена само со една цел – промовирање на хорор културата во Македонија. Златко Ѓелески е сопственикот на ова издаваштво кое во иднина ќе продолжи да го промовира и поддржува хорор жанрот во оваа држава. Потребата за дигиталното издаваштво се јави во моментот кога овие раскази беа понудени на македонските книжевни издавачи и не беа прифатени поради жанрот во кој беа напишани. Затоа „Морбидизам“ останвува да биде бесплатно дигитално издание сé додека луѓето не сфатат дека и хорор литературата е дел од уметноста, со свои правила, вредности и квалитети. Секако дека останува простор некој од македонските издавачи да ги надмине своите предрасуди околу жанрот и да ја издаде книгата во печатена форма, а сé додека тоа научно-фантастично сценарио не стане реалност оваа збирка на хорор раскази ќе може да ја симнете од овој блог под капата на „Македонски Кошмар“. „Морбидизам“ е прилично субверзивна и бизарна книга која мора да биде издадена на овој начин за бескомпромисно да се сочува нејзината моќ. 

Печатеното издание на книгата е во подготовка.






Sunday, July 8, 2012

Danse Macabre 104 епизода: Кој се плаши од жените?




Women in Horror

            На полноќ помеѓу трети и четврти јули на брановите на Канал 103 започна 104 издание на радио хорор емисијата Danse Macabre посветено на жените во хорор индустријата. Во оваа емисија имавме две гостинки со кои јас и Боки позборувавме за различните ставови кои ги имаат гледачките на хорор филмови со одредени проблематики кои го тангираат жанрот, како на пример финалните девојки, голотијата во филмовите и воопшто создавањето на женски ликови на филмското платно. Зборувавме и за неколку актерки кои со своите изведби имаат оставено траен белег не само во својата кариера туку и во хорор жанрот, актерки како Сигурни Вивер, Џејми Ли Кертис, Барбара Стил, Ингрид Пит. Зборувавме за револуцијата која на овој план ја направи и Елвира со нејзината шармантна појава на филмското платно и за самата трансформација од актерки кои глумат жртви во хорор филмови стануваат актерки кои се кралици на мракот и олицетворение на злото. Во емисијата секако дека не останаа заборавени и големиот број на хорор режисерки кои се обидуваат да создадат свој кинематографски стил во филмскиот свет со кој доминираат мажите, авторки како: Мери Харон, Мери Ламберт, Џенифер Линч, Роберта Финли, Антонија Бирд, Клер Дени и многу други. Музиката која беше составен дел од емисијата се состоеше од композиции на бендови кои имаат женска вокална интерпретаторка како на пример: Which Mountain, Blood Ceremony, Opera IX, The Creepshow, Zombina And The Sceletons, Coven, Cadaveria,  Matriarch, Malsain, Ordo Funebris и многу други.
            Линкот за спуштање на емисијата, како и секогаш, може да го пронајдете под текстов. Со оваа емисија се надеваме дека помогнавме во рушење на неколку полови стереотипи за тоа кој смее да биде пред и зад камерата за време на снимање на хорор филмови. Ова е претпоследна епизода на Danse Macabre за оваа сезона, така што до наредното слушање уживајте во хорор филмови и плашете се.

Линк за емисијата:   















Monday, July 2, 2012

Danse Macabre 103 епизода: Гаспар Ханеке





















Gaspar Haneke

            На полноќ помеѓу 26 и 27 јуни започна 103-тото издание на радио хорор емисијата Danse Macabre на Канал 103. Оваа епизода беше посветена на двајца маестрални режисери чиј имиња се поим за субверзивната кинематографија, господата Гаспар Ное и Михаел Ханеке. Во оваа епизода Јас и Боки се обидовме да пронајдеме неколку заеднички нишки помеѓу делата на овие автори, но во преден план беше анализата на нивниот стил на режирање, најчестите теми кои ги тангираат нивните филмови и начинот на кој ја изведуваат стилизацијата на насилството и порнографијата. Во преден план од кинематографијата на Ное беа поставени неговите краткометражни филмови, но секако дека неговите феноменални три долгометражни филмови не беа поштедени од нас. Акцентот беше поставен на начинот на естетизацијата на порнографијата, инцестот и силувањето во неговите филмови, стилизирањето на одмаздата и носењето на круцијални одлуки врз основа на гневот. Од Ханеке во центарот на вниманието беше неговата „глечерска“ трилогија, поигрувањето со концептот на децата како насилници и убијци,  воајеризмот и медиумите, алиенацијата на европскиот човек/семејство во модерните општества, потиснатите сексуални пориви и други тематски одредници кои се во неговите филмови. Музиката за оваа емисија мораше да биде доволно агресивна како и самата тема, па затоа во музичките блокови ќе слушнете композиции од: Slayer, Kreator, Exodus, Tool, Cathedral, Candlemass, Pantera, Black Label Society, Peter Steele, Paradise Lost, Kyuss, King Diamond и многу други.   
            Под текстот може да го пронајдете линкот за симнување на емисијата. Со оглед на тоа што погубно е фаворизирањето на било кој од овие револуционерни режисери, се обидовме да направиме една кованица – Гаспар Ханеке, зборовна формула која најдобро ќе го претстави сублиматот на филозофската, идеолошката и визуелната генијалност на овие сликари на мрачните домени на човечкото постоење. До наредното слушање, гледајте хорор филмови и плашете се!

Линк за емисијата: 














Sunday, June 24, 2012

Danse Macabre 102 епизода: Децата на мракот




Gothic culture


            На 19 јуни на радио Канал 103 започна 102 издание на радио хорор емисијата Danse Macabre посветено на готската култура и луѓето кои ја практикуваат. Во оваа епзода на емисијата, Јас Ивица и Боки зборувавме за основните ознаки на овој концепт, за уметничките влијаниеја кои датираат уште од британскиот готски роман и хорор писателите од елизабетинскиот и викторијанскиот период, зборувавме за готските елементи во сликарството и секако раѓањето на готскиот рокенрол и метал поджанр во музиката. Секако дека не беа изоставени и вредностите и убедувањата кои ги следат почитувачите на ова модернизирано движење, зборувавме и за филмовите кои со своите визуелни квалитети помогнале во создавањето на изгледот на следбениците на ова убедување. Во емисијата коментиравме и за самиот процес на деградирање кој го наметнуваат луѓето кои имаат предрасуди кон обожавателите на готската култура, залепувајќи им непотребни и неиздржани етикети кои повеќе говорат за менталниот склоп на малоумните луѓе кои ги споделуваат овие предрасуди отколку за „другите“ кои се изолираат од групата на луѓе кои се колнат во името на своето едноумие. „Готичарите“ и „Готичарките“ се луѓе кои се фасцинирани со уметнички свет кој го создаваат артистите кои ги создаваат овие империи на мракот, ги истражуваат и најмрачните сфери во умиверзумот и во самиот човек. Музичкиот избор сам по себе се наметна, па затоа и неизбежно беше да слушнете композиции од: Bauhaus, Dead Can Dance, Type O Negative, The 69 Eyes, Moonspell, Paradise Lost, The Sisters Of Mercy, Marilyn Manson и многу други.
            Линкот за емисијата ќе го пронајдете под текстов. Иако на било кој начин ова културно движење се провлекува суптилно низ хорор жанрот уште од самото негово создавање и има заеднички цели, сметавме дека треба да му одвоиме една емисија и на овој феномен на модерното живеење. Затоа уживајте во хорор филмови и плашете се.


Линк за емисијата:

http://i.mixcloud.com/CB46Tx

http://www.sendspace.com/file/t5cwjw















Monday, June 11, 2012

DANSE MACABRE 101 епизода




Кога Смешко се смее

            На полноќ помеѓу петти и шести јуни на радио Канал 103 започна 101 издание на радио хорор емисијата Danse Macabre посветено на Смешко. Тоа е гласот кој на сите емисии може да го слушнете како влегува во разговорите, колку и да се крвави и колку и да се болни, тој знае да продре со смеа, носејќи тони радост преку етерот. Гласот му припаѓа на Бојан Анастасов, а оваа епизода е посветена за него. Во емисијата имаме двајца ловци на ноќни мори, но имаме еден Гручо и со оглед на тоа дека гласовите на Диландоговците ги слушате како постојано дебатираат на најразличната хорор проблематика, време беше да отстапиме едно специјално издание за нашиот Боки, кој парадоксално, е гостин на емисијата во која е домаќин. Во оваа епизода позборувавме за неговите ентузијастички почетоци на архивирање на програмската содржина на Канал 103, интересот за снимање, монтажа и радио водителство, а самиот Боки беше толку добар што сподели дел од неговите чудни животни приказни со нас и слушателската публика. Музичкиот избор е негов, музика која тој ја слуша.
            Линковите за спуштање и преслушување на емисијата ќе ги пронајдете под текстов и се надеваме дека ќе ви биде забавно кога ќе ја преслушате емисијата исто толку како што нас ни беше забавно додека ја снимавме. Снимавме, точно. Камерите беа вклучени и Боки овој пат се наоѓаше пред нејзиниот објектив, наместо зад неа. Заинтересираните слушателки може да ги добијат видео материјалите од емисијата директно од Боки. Наредниот вторник продолжуваме со стандардна шема, со милиони килограми крв и страв. Затоа гледајте хорор филмови и плашете се.



Линкови за спуштање на целосната епизода:


Tuesday, June 5, 2012

Danse Macabre епизода број 100: Прекрасната визија на грозоморниот свет на Гигер




Giger’s Infernal Nightmare

На полноќ помеѓу 29 и 30 мај на Канал 103 почна јубилејното 100-то издание на радио хорор емисијата Danse Macabre посветено на еден од најзначајните сликари за хорор жанрот, инспирација за голем број на творци, маестро Ханс Рудолф Гигер. Во преден план на емисијата беше неговото инволвирање во филмскиот свет, преку неуспешните проекти како што е Dune на Јодоровски и успешните проекти како што е Alien на Ридли Скот, креациите кои ги има создадено Гигер за вселенските бродови и суштествата кои ги има креирано во нив. Зборувавме и за неговите сликарски серијали кои ги има започнато во минатиот век, од деформираните „Атомски деца“, конструкцијата на „Пасажите“, прекрасната дистописка и механизирана визија на Њујорк, демонизамот, еротиката и индустријализацијата во „Биомеханиките“ и морбидниот „Тарот“ и вонземјанскиот „Зодијак“ како и прекрасните грозоморни пеколни визии во „Некрономикон“. Музичкиот избор за оваа емисија сам по себе се наметна, благодарение на ликовниот труд на Гигер, односно беа искористени композиции од бендовите за кои Гигер ги има нацртано обвивките на нивните албуми, така што ќе може да слушнете песни од: Emerson, Lake & Palmer, Magma, Celtic Frost, Danzig, Carcas, како и композиции од бендови кои се миленици на емисијата, бендови како: Sleep, Electric Wizard, The Cosmic Dead, Zombie Zombie и многу други.
            Со оваа емисија Danse Macabre комплетираше 100 изданија (100 години Danse Macabre, со вас уште пред Прва светска војна :) докажувајќи дека достојно и посветено ја промовира хорор културата во Македонија. Јас, Ивица и Боки сакаме да им се заблагодариме на сите гости на емисијата, сите слушатели кои со години ги слушаат нашите гласови на радио и се надеваме дека ќе бидеме доволно интересни за да продолжат да нé слушаат и во наредните 100 години. Затоа гледајте хорор филмови и плашете се.    

Линк за епизодата: 


Само говор: