Thursday, April 26, 2012

Danse Macabre 95 епизода: Инвазија на домот во хорор филмовите




Home Invasion – Family Nightmare

            На полноќ помеѓу 20 и 21 април на брановите на радио Канал 103 се емитуваше 95 издание на хорор емисијата Danse Macabre посветено на хорор филмовите во кои има инвазија на домот. Во оваа епизода позборувавме за игрите кои ги играат луѓето со новоназначени улоги на убијци и жртви, што претставува држењето на заложништво и непредвидливото и неконтролливо нарушување на удобноста на домот на нуклеарното семејство. Зборувавме за рудименталната борба за преживување до која единствено продираат хорор филмовите. Направивме и една мала психоанализа на овие ситуации со оживувањето на потиснатата потсвест од животот во стерилниот и изолиран рај на домот во кој се кријат нарушени семејни односи и како тој потиснат гнев се реализира преку носителите на хаосот во огништето. Во оваа епизода позборувавме и за некои бизарни сличаи на упад во домовите од реалноста. Филмовите кои ги употребивме како основа на оваа емисија се: Straw Dogs, A Clockwork Orange, The Hills Have Eyes, Axe, House on the Edge of the Park, Henry: Potrait of a Serial Killer, Funny Games, Audition, Mothers Day, The Collector, A Serbian Film, Kidnapped, Inside, High Tension, Martyrs, In Their Sleep и многу други. Музиката која ја слушавте додека ние упаднавме преку радио приемниците во вашите домови беше изведена од бендовите: Paradise Lost, Pelican, Saint Vitus, Daemonia, Howl, Hypnos 69, Sleestak, Harvey Milk, Sleepytime Gorilla Museum и други.  
            Од 24 април емисијата Danse Macabre презема нов термин на емитување. Го напуштаме петок и започнуваме да се емитуваме секој вторник од полноќ. Концептот на емисијата ќе остане идентичен, само се прави мала промена во терминот за емитување. Петок 13-ти му го препуштаме на Џејсон, а ние го заземаме вторник кој е побаксузен ден од петок, што значи очекувајте не да ви упаднеме во вашите домови наседе работна недела и да ве уплашиме. Линкот за оваа епизода ќе го пронајдете под текстов. Гледајте хорор филмови и плашете се. Смрт за цензурата и политичката коректност, да живее хорор жанрот.

Линк за емисијата: 













Monday, April 23, 2012

Програма за Мрак Фест 1.666


Сабота 28 април

18 часот



Холокауст на канибалите (Cannibal Holocaust)

Харолд Монро, професор по антропологија од Њујорк при посета на Амазон открива документарен филм сниман од тричлена екипа што се води за исчезната. По враќање во Големото јаболко тој детално го прегледува филмот, постепено запознавајќи се со чудовишната страна на „цивилизираната“ филмска екипа и мистеријата зад нејзиното исчезнување. Овој неповторлив и уникатен филм за односите меѓу припадниците на примитивната заедница и модерното општество своевремено беше забранет за прикажување ширум светот. Далеку пред своето време, „Холокауст на канибалите“ претставува и појдовна точка за современи класици како „Вештерката од Блервич“ и „REC“.

Држава: Италија
Година: 1980
Времетраење: 95 минути
Режија: Руџеро Деодато
Сценарио: Џианфранко Клерици
Улоги: Роберт Керман, Франческа Кијарди, Пери Пирканен

20 часот



Треска (Shivers)
а.к.а. Тие дојдоа одвнатре (They Came from Within)

Станарите на една зграда во Торонто стануваат инфицирани манијаци кои преку сексуален контакт ја шират својата инфекција, како вампири кои трагаат по крв. Причината за ваквото однесување се генетички модифицирани паразити кои предизвикуваат инфицираните да ги срушат своите инхибици. Нивниот создавач е научник кој сфаќајќи што сторил во својот обид да му помогне на човештвото убива една девојка, а потоа се самоубива. Прв долгометражен филм на тогаш младиот и неискусен, а сега виртуозен генијалец Дејвид Кроненберг, суров филм кој го содржи есенцијалот на неговата бескомпромисна поетика и естетика на спознавањето на човечкиот организам заедно со семето на уништувањето кое го носи во себе. 

Држава: Канада
Година: 1975
Времетраење: 87 минути
Режија: Дејвид Кроненберг
Сценарио: Дејвид Кроненберг
Улоги: Пол Хемптон, Џо Силвер, Лин Лори, Барбара Стил, Сју Хелен Петри

Недела 29 април

18 часот



Ноќта на живите мртовци (Night of the Living Dead)

Држава: САД
Година: 1968
Времетраење: 96 минути
Режија: Џорџ А. Ромеро
Сценарио: Џорџ А. Ромеро, Џон А. Русо
Улоги: Двејн Џонс, Карл Хардман, Мерилин Истман, Џудит О Ди, Бил Хинзман

Во овој независен црно-бел хорор филм мртвите оживуваат и се враќаат помеѓу живите за да ги убијат и изедат. Мала група на преживеани луѓе се барикадира на една фарма која истовремено претставува и нивна заштита и нивен затвор. Колку што е ова филм за зомбијата кои демнат во ноќта, толку е и филм за луѓето кои се забарикадирани во куќата, за нивната алчност, кукавичлук, подреденост, страв, наивност и глупост. Во суштина, „Ноќта на живите мртовци“ е безнадежен филм против неуспехот на хипи движењето и суровата реалност на Виетнамската војна чии што одблесоци се парафразирани во моќна „cinema verite“ стилизација. Филмот ја има направено една од најзначајните филмски револуции до ден денес, разнесувајќи ги ширум портите за архетипот на зомбито, но и воопшто, воведувајќи ја ерата на графички експлицитниот хорор филм.  

20 часот



Зора на мртвите (Dawn of the Dead)

Епидемијата на зомбијата ја добива својата експанзија и низ американските метрополи, заменувајќи го секојдневието со хаос и пустош. Репортер, неговата девојка и двајца специјалци наоѓаат засолниште од живите мртовци во еден трговски центар кој е опседнат до врв со зомбија, но претставува и мета на група милитантни моторџии. Овој филм е една огромна сатира на американското конзумерско општество, филм во кој заробениците во трговскиот центар може да имаат што ќе посакаат, сé што може да се купи за безвредни пари, освен нивната слобода. Во филмот заробениците поминуваат низ еден емоционален рингишпил, каде моментите на среќа и радост се комбинираат со миговите на безизлезност и губиток. Филмот ќе остане запаметен по одличната соработка меѓу Ромеро и мајсторот на специјалните ефекти Том Савини.

Држава: САД
Година: 1978
Времетраење: 126 минути
Режија: Џорџ А. Ромеро
Сценарио: Џорџ А. Ромеро
Улоги: Дејвид Емџ, Кен Фори, Скот Рејнигер

Понеделник 30 април

18 часот



Црн Сабат (I tre volti della paura)


Оваа хорор антологија прераскажана од страна на Борис Карлоф е составена од три сегменти. Првиот е адаптација на дело на Чехов, приказна за медицинската сестра која ќе го украде прстенот на една мртва жена која се смета дека била медиум. Втората приказна е адаптација на дело на Снајдер, приказна за убиецот кој им се заканува на своите жртви со телефонски повици. Третата приказна е адаптација на дело на Толстој, приказна во која еден прогонувач на вампири кои самиот станува еден од нив и започнува да ги убива неговите најблиски. Оваа антологија е многу значајна за колоритната естетика на Бава и модернизацијата на италијанскиот хорор филм. Квентин Тарантино има изјавено дека оваа антологија била голема инспирација за неговиот „Евтини приказни“. Една од најзначајните италијански филмски антологии на сите времиња со раритетната изведба на Борис Карлоф во улога на вампир.

Држава: Италија
Година: 1963
Времетраење: 92 минути
Режија: Марио Бава
Сценарио: Марио Бава, Алберто Бевилаква, Марчело Фондато
Улоги: Борис Карлоф, Микеле Мерсиер, Лидија Алфонси, Сузи Андерсон

20 часот




Не гледај сега (Don't Look Now)

Џон и Лаура Бекстер се во Венеција каде се сретнуваат со две повозрасни сестри. Една од нив смета дека е видовита и дека го забележува духот на починатата ќерка на Бекстерови како се движи по улиците. Џон одбива да верува во такво нешто, но Лаура е заинтригирана од можноста за конечно помирување со болното минато. „Не гледај сега“ е филм во кој привиденијата стануваат реалност, а реалноста само привид, притоа вешто инкорпорирајќи ритуали од окултистичка проминенција во модерна Венеција. Базиран на делото на Дафне де Мауриер и со музиката на Пино Донаџио кој подоцна ќе соработува со Брајан де Палма, Џо Данте и други, „Не гледај сега“ е магнум опусот на извонредниот Николас Роег.

Држава: САД
Година: 1973
Времетраење: 110 минути
Режија: Николас Роег
Сценарио: Алан Скот, Крис Брајант
Улоги: Џули Кристи, Доналд Сатерленд, Хилари Мејсон

Вторник 1 мај

18 часот



Потстанарот (Le locataire)

Среде Париз од средина на 1970-те, повлечениот бирократ Трелковски изнајмува апартман во кој претходната потстанарка – египтолог – има извршено самоубиство. Соседите на Трелковски започнуваат чудно да се однесуваат, наметнувајќи му чудни правила според кои треба да се однесува. Тој ја посетува поранешната потстанарка во болница и по нејзината смрт смета дека постои некаков заговор против него од страна на соседите за да го присилат и тој да изврши самоубиство. Ова е дел од апартманската трилогија на филмови на Полански која ја сочинуваат и „Розмариното бебе“ и „Одбивност“. Овој клаустрофобичен филм е едно од најквалитетните филмски остварувања на Полански, рендген на едно полудување на главниот лик, буквар на сето тоа што треба да го има еден модерен психолошки хорор.


Држава: Франција
Година: 1976
Времетраење: 126 минути
Режија: Роман Полански
Сценарио: Роман Полански, Жерард Брах
Улоги: Роман Полански, Изабела Аџани, Мелвин Даглас, Шели Винтерс

20 часот



Во устата на лудилото (In the Mouth of Madness)

Писателот Сутер Кејн исчезнува и никој не може да го пронајде. Џон Трент оди во потрага по него, а следејќи ги неговите чекори го открива неговиот авторски свет и бизарностите кои ги носи со својата реалистичност. Дали уметничкиот свет е само фигмент на имагинацијата на некој писател или е место кое со својата опскурност постои во реалноста? Овој филм евидентно ја црпи својата инспирација од богатата литературна ризница на двајцата великани на хорор жанрот, Х.П. Лавкрафт и Стивен Кинг. Целиот филм функционира како еден бесконечен кошмар лебдејќи помеѓу реалноста и фикцијата. Ова е едно од најзначајните хорор остварувања во САД во деведесеттите години на минатиот век, а според многумина и последното вистинско ремек дело на Џон Карпентер.

Држава: САД
Година: 1994
Времетраење: 95 минути
Режија: Џон Карпентер
Сценарио: Мајкл де Лука
Улоги: Сем Нил, Џули Кармен, Јурген Прохнов, Дејвид Вернер

Среда 2 мај

18 часот



Поседување (Possession)

Среде поделениот Берлин за време на Студената војна, една жена го напушта семејството од непознати причини. Сопругот се обидува да ја открие вистината и започнува да ја следи неговата сопруга. Најпрво се сомнева дека е инволвиран друг маж, но во својата потрага тој открива многу чудно однесување и низа на бизарни инциденти, нешто повеќе од една посесивна љубовна афера. Ова е еден од најуникатните хорор филмови на сите времиња кој содржи неповторлива актерска изведба од страна на Аџани. Овој филм во кој потребата за поседување на брачните другари од едно психичко ниво преминува во телесен посед на мистериозни сили. Ова е едно од најинтимните и најсурови филмски остварувања на Жулавски, урнек на телесниот хорор поджанр и раритет кој мора да се погледне во целост без удел на цензорите, во неговата најмоќна форма.

Држава: Франција/Германија
Година: 1981
Времетраење: 127 минути
Режија: Андржеј Жулавски
Сценарио: Андржеј Жулавски, Фредерик Тутен
Улоги: Изабела Аџани, Сем Нил, Маргит Карстенсен, Хајнц Бенент


20 часот



Денот на ѕверот (El dia de la bestia)

Воден од заклучоците базирани на кабалистичко истражување на Библијата, баскиски свештеник утврдува дека антихристот ќе се роди на Божиќ во Мадрид. Со помош на еден металец и водител на езотерична ТВ пограма, свештеникот ќе се обиде да го повика Ѓаволот за да открие каде ќе се роди неговото дете и потоа да го убие. „Денот на ѕверот“ е една од најдобрите хорор комедии на сите времиња, филм кој своевремено има освоено тон награди за потоа од необјасниви причини да биде заборавен. Филмот има прекрасни комични сцени кои кои го симболизираат режисерскиот потенцијал на Иглесија, поигрувајќи си со холивудските стереотипи во поглед на ритуалните инвокации на Сатаната и жртвувањето кое треба да се направи за тоа да се постигне. Одлична пародија на христијанскиот фанатизам, смела бурлеска, забава за целото семејство.    

Држава: Шпанија
Година: 1995
Времетраење: 103 минути
Режија: Алекс де ла Иглесија
Сценарио: Алекс де ла Иглесија, Хорхе Герикаечеверија
Улоги: Алекс Ангуљо, Армандо де Раза, Сантијаго Сегура

Мрак Фест 1.666




Ревија на страшно добри хорор филмови

            Ветувањето кое го дадовме на минатогодишното издание на „Мрак Фест“ ќе го исполниме на Валпургијската ноќ. Оваа година се одлучивме да организираме едно меѓуиздание на фестивалот, со акцент на култни хорор филмови кои се лектири за сите хорор фанови, филмови кои не смеат да бидат избришани од потсвеста на секој љубител на хорор филмови. Danse Macabre и Кошмар и овој пат направи сселекција на одлични хорор филмови од најразличните хорор поджанрови, со цел да се потенцира богатата шареноликост на самиот жанр со проектирање на ненадминливи хорор остварувања. За ова 1.666 издание на фестивалот одлучивме да прикажеме филмови на најзначајните хорор режисери на минатото од кои дел од нив до ден денес го збогатуваат хорор жанрот со нивните филмови. Нивниот удел во жанрот е назаменлив. На ова издание на Мрак Фест ќе бидат прикажани хорор филмови работени во најразлични меридијани во светот. Фестивалот во сабота на 28 април го отвора контроверзниот и широко забранет за прикажување дивјачкиот Cannibal Holocaust во режија на италијански режисер Руџеро Деодато, а вечерта ќе ја заокружи канадскиот виртуоз на филмската уметност Дејвид Кроненберг со неговата оргија на паразитското ремек-дело на телесниот хорор поджанр од 1975 година, наречено Shivers. Недела е ден посветен на дедото на зомби хорор поджанрот Џорџ Ромеро и во негова чест ќе бидат прикажани револуционерниот црно-бел хорор филм Night of the Living Dead и конзумерската сатира Dawn of the Dead. Понеделник, 30 април во 18 часот ќе биде прикажано уште едно остварување на италијански режисер. Станува збор за антологијата Black Sabbath на таткото на Џиало хорор поджанрот Марио Бава. Вечерта ќе ја затвори фантастичниот Don't Look Now на Николас Роег. Додека некој прави скара ние ќе подготвуваме гозба за демоните и духовите со букварот на психолошкиот хорор поджанр наречено The Tenant на господинот Роман Полански. Американскиот режисерски хорор гигант Џон Карпентер ќе ја затвори вечерта со неговото фантазмагорично дело In the Mouth of Madness, подзаборавен филм од неговата богата филмографија и можеби едно од неговите последни врвни остварувања. На последниот ден од оваа ревија на култни хорор филмови ќе биде прикажан беспрекорниот и ненадминлив Possession на Андржеј Жулавски а фестивалот ќе го затвори хорор комедијата Day of the Beast на еден од најдобрите шпански режисери Алекс де ла Иглесија.
            Фестивалот го организираат Златко Ѓелески, Ивица Дукоски и Бојан Анастасов. „Мрак Фест“ ќе се одржи во клубот Ла Кања, во просторот за проекции кој се наоѓа на првиот кат во клубот. Таму ќе може да се набави и новиот број на македонското хорор списание „Кошмар“. Сите филмови имаат соодветен македонски или српски превод, а пред секоја проекција ќе има кратка селекција на трејлери. Термините за проекциите на филмовите се од 18 и од 20 часот, а влезот на сите проекции е бесплатен.
            Дополнителни информации за фестивалот може да пронајдете на линковите:




Програма

Сабота, 28 април

18ч – Холокауст на канибалите (Cannibal Holocaust, 1980, 95 минути)
20ч – Треска (Shivers, 1975, 87 минути)
22ч – Крвав бонус DJ сет: Игор Калц и Danse Macabre


Недела, 29 април

18ч – Ноќ на живите мртовци (Night of the Living Dead, 1968, 96 минути)
20ч – Зора на мртвите (Dawn of the Dead, 1978, 126 минути)


Понеделник, 30 април

18ч – Црн сабат (I tre volti della paura, 1963, 92 минути)
20ч – Не гледај сега (Don't Look Now, 1973, 110 минути)


Вторник, 1 мај

18ч – Потстанарот (Le locataire, 1976, 126 минути)
20ч – Во устата на лудилото (In the Mouth of Madness, 1994, 95 минути)


Среда, 2 мај

18ч – Поседување (Possession, 1981, 127 минути)
20ч – Денот на ѕверот (El dia de la bestia, 1995, 103 минути)

Saturday, April 14, 2012

Danse Macabre 94 епизода: Шах со смртта



            На полноќ помеѓу шестти и седми април на Канал 103 започна 94 издание на радио хорор емисијата Danse Macabre во која јас, Ивица и Боки подготвивме една пролетна епизода на емисијата додека игравме една вечна партија шах со Смртта. Во оваа епизода ги поштедивме слушателите од нашите бесконечни дебатирања и полемизирања околу критериумите, вредностите, тропите и конвенциите на хорор жанрот и хорор културата и подготвивме еден музички коктел со кој овозможивме одлична подлога за танцување на последниот валцер со Смртта. Смртта ни е добар пријател(ка) и секогаш ги губи партиите шах кои ги игра со нас, барем сега за сега. Таков беше и случајот со партијата за време на емисијата кога со помош на цртежот на Корадо Рој и визијата на Ингмар Бергман направивме еден шах-мат. Смртта не се лути кога ќе изгуби, затоа што знае дека еден ден ние ќе ја загубиме партијата. Но до тој ден ние посветено ќе работиме на ширењето на хорор културата во Македонија на сите начини и во сите медиуми кои ни се достапни, Смртта тоа го знае и затоа ни попушта. Оваа епизода беше музички издржана од композиции на голем број на инди бендови.



            Линкот за симнување на оваа епизода ќе може да го пронајдете  на крајот од текстот. Во емисијата исто така беше претставено новото, 12-тото издание на хорор списанието Кошмар за соодветно да го овековечиме периодот помеѓу есента и зимата од минатата година во светот на хоророт. Контакт и нарачување на списанието како и повеќе детали за неговата содржина може да пронајдете тука: 



            Во блиска иднина се предвидени одредени промени во поглед на емисијата, па затоа слушајте ја наредната епизода на Danse Macabre каде сé ќе биде објаснето. Смрт за политичката коректност и цензурата. Уживајте во хорор филмовите и плашете се.  
  
Линк за емисијата:






Tuesday, April 3, 2012

DANSE MACABRE 93 епизода: Human experiments gone wrong. Експериментирање на луѓе во хорор филмовите




HUMAN GUINEA PIG

            На полноќ помеѓу 30 и 31 март на Канал 103 започна 93 издание на радио хорор емисијата Danse Macabre посветено на хорор филмовите во кои има експериментирање врз луѓе. Во емисијата јас зборував за голем број на експерименти кои се извршени во реалноста за напредување на медицината, експерименти во кои голем број на луѓе умреле за таа цел. Еден дел од експериментите беа наменети за откривање на некакви психолошки тенденции кај човечките суштества за подобро разбирање на нивните импулсивни одлуки, а резултатите од овие експерименти се евидентни во секојдневниот живот. Покрај овие експерименти зборував и за тоа што се случувало во воените логори, тогаш кога животот е најевтин-во војната, каде германските, јапонските и другите окупатори ги имаат извршено најгрозоморните експерименти врз луѓето, изложувајќи ги на отрови, гасови, радијација, болести и што уште не. Вклучени беа и експериментите кои се извршени во САД на расните малцинства, децата, менталните пациенти и затворениците, пред сé тие во кои се истражува човечкото покорување под авторитетите и тие во кои биле вклучени тестирања на наркотични супстанци за откривање на нивните дејствија врз човечкиот организам. Ивица зборуваше за анималистичкото експериментирање и докторите кои своите теории за телесните модификации ги применувале врз животните. Филмскиот преглед на хорори во кои има експериментирање на луѓе инспириран од хоророт на реалноста го започнавме со Frankenstein, Metropolis, Dr. Jekyll And Mr. Hyde, па преку Кроненберговите експерименти продолживме со Re-Animator, Altered States, The Rocky Horror Picture Show, Frankenhooker, Human Experiments, јапонските експерименти во Guinea Pig серијалот и Naked Blood и Tetsuo, па сé до модерните: Martyrs, Human Centipede, Das Experiment, Splice, Seeking Wellness, Saw, Hunger, Dread, Hollow Man, Memories Of The Invisible Man, Splice и многу други. Музичкиот експеримент кој беше составен дел од емисијата ги вклучува композициите на бендовите: Cathedral, High On Fire, Dark Hall, Fantomas & The Melvins, Brotherhood Of Sleep, Ufomamut, Ramones, The Flaming Lips, Brainstorm, Rocky Erickson and The Aliens, Buckethead и многу други.
            Како и секогаш под текстов ќе може да го пронајдете линкот за спуштање на емисијата и слободно може во удобноста на вашите домови да изведете по некој експеримент врз луѓето од кои не можете да ги извлечете информациите кои ви се потребни или едноставно сметате дека целта на нивните животи е да послужат во вашите експерименти. Смрт за цензорите и политичката коректност. Уживајте во хорор филмови.

Линк за емисијата:  


Frankenstein

Dr. Jekyll and Mr. Hyde

The Rocky Horror Picture Show

Altered States

Re-Animator

Human Experiments

Tetsuo: The Iron Man

The Fly

Hollow Man

Das Experiment

The Human Centipede