Monday, April 23, 2012

Мрак Фест 1.666




Ревија на страшно добри хорор филмови

            Ветувањето кое го дадовме на минатогодишното издание на „Мрак Фест“ ќе го исполниме на Валпургијската ноќ. Оваа година се одлучивме да организираме едно меѓуиздание на фестивалот, со акцент на култни хорор филмови кои се лектири за сите хорор фанови, филмови кои не смеат да бидат избришани од потсвеста на секој љубител на хорор филмови. Danse Macabre и Кошмар и овој пат направи сселекција на одлични хорор филмови од најразличните хорор поджанрови, со цел да се потенцира богатата шареноликост на самиот жанр со проектирање на ненадминливи хорор остварувања. За ова 1.666 издание на фестивалот одлучивме да прикажеме филмови на најзначајните хорор режисери на минатото од кои дел од нив до ден денес го збогатуваат хорор жанрот со нивните филмови. Нивниот удел во жанрот е назаменлив. На ова издание на Мрак Фест ќе бидат прикажани хорор филмови работени во најразлични меридијани во светот. Фестивалот во сабота на 28 април го отвора контроверзниот и широко забранет за прикажување дивјачкиот Cannibal Holocaust во режија на италијански режисер Руџеро Деодато, а вечерта ќе ја заокружи канадскиот виртуоз на филмската уметност Дејвид Кроненберг со неговата оргија на паразитското ремек-дело на телесниот хорор поджанр од 1975 година, наречено Shivers. Недела е ден посветен на дедото на зомби хорор поджанрот Џорџ Ромеро и во негова чест ќе бидат прикажани револуционерниот црно-бел хорор филм Night of the Living Dead и конзумерската сатира Dawn of the Dead. Понеделник, 30 април во 18 часот ќе биде прикажано уште едно остварување на италијански режисер. Станува збор за антологијата Black Sabbath на таткото на Џиало хорор поджанрот Марио Бава. Вечерта ќе ја затвори фантастичниот Don't Look Now на Николас Роег. Додека некој прави скара ние ќе подготвуваме гозба за демоните и духовите со букварот на психолошкиот хорор поджанр наречено The Tenant на господинот Роман Полански. Американскиот режисерски хорор гигант Џон Карпентер ќе ја затвори вечерта со неговото фантазмагорично дело In the Mouth of Madness, подзаборавен филм од неговата богата филмографија и можеби едно од неговите последни врвни остварувања. На последниот ден од оваа ревија на култни хорор филмови ќе биде прикажан беспрекорниот и ненадминлив Possession на Андржеј Жулавски а фестивалот ќе го затвори хорор комедијата Day of the Beast на еден од најдобрите шпански режисери Алекс де ла Иглесија.
            Фестивалот го организираат Златко Ѓелески, Ивица Дукоски и Бојан Анастасов. „Мрак Фест“ ќе се одржи во клубот Ла Кања, во просторот за проекции кој се наоѓа на првиот кат во клубот. Таму ќе може да се набави и новиот број на македонското хорор списание „Кошмар“. Сите филмови имаат соодветен македонски или српски превод, а пред секоја проекција ќе има кратка селекција на трејлери. Термините за проекциите на филмовите се од 18 и од 20 часот, а влезот на сите проекции е бесплатен.
            Дополнителни информации за фестивалот може да пронајдете на линковите:




Програма

Сабота, 28 април

18ч – Холокауст на канибалите (Cannibal Holocaust, 1980, 95 минути)
20ч – Треска (Shivers, 1975, 87 минути)
22ч – Крвав бонус DJ сет: Игор Калц и Danse Macabre


Недела, 29 април

18ч – Ноќ на живите мртовци (Night of the Living Dead, 1968, 96 минути)
20ч – Зора на мртвите (Dawn of the Dead, 1978, 126 минути)


Понеделник, 30 април

18ч – Црн сабат (I tre volti della paura, 1963, 92 минути)
20ч – Не гледај сега (Don't Look Now, 1973, 110 минути)


Вторник, 1 мај

18ч – Потстанарот (Le locataire, 1976, 126 минути)
20ч – Во устата на лудилото (In the Mouth of Madness, 1994, 95 минути)


Среда, 2 мај

18ч – Поседување (Possession, 1981, 127 минути)
20ч – Денот на ѕверот (El dia de la bestia, 1995, 103 минути)

No comments:

Post a Comment