Monday, July 23, 2012

Морбидизам на Златко Ѓелески


Морбидизам на Златко Ѓелески, Македонски Кошмар, 2012

          „Морбидизам“ е првата збирка на кратки хорор раскази на Златко Ѓелески. Таа е сублимат од хорор раскази кои се пишувани во период од пет години. Во неа има селекција од педесет хорор раскази, поделени во три групи: првата ги содржи расказите кои се напишани пред пет, односно четири години, втората ги содржи најдолгите раскази кои се напишани пред три години, а во третиот дел од збирката се наоѓаат последните раскази кои ги има напишано авторот. Тоа е најдобар начин да се забележи еволуцијата на неговиот стил и начин на пишување и изборот на теми кои периодично доминирале во неговата проза. Скоро сите хорор поджанрови се дел од оваа збирка, односно застапени се тие хорор поджанрови чиј конвенции и клишетизирани шаблони се предизвикуваат со експеримент во кој се предизвикува границата на нивното дејствување. Авторот во своите раскази употребува голем број на постмодернистички техники за поигрување со тропите на жанрот. Дел од ликовите на расказите се само одраз не нечие непостоење, тие се одблесоци од спомените кои ги имаме за некои луѓе и појави од далечното минато или пак се кошмарни визии за блиската иднина. Оваа книга е издадена под етикетата на дигиталната издавачка куќа која се нарекува „Македонски Кошмар“, создадена само со една цел – промовирање на хорор културата во Македонија. Златко Ѓелески е сопственикот на ова издаваштво кое во иднина ќе продолжи да го промовира и поддржува хорор жанрот во оваа држава. Потребата за дигиталното издаваштво се јави во моментот кога овие раскази беа понудени на македонските книжевни издавачи и не беа прифатени поради жанрот во кој беа напишани. Затоа „Морбидизам“ останвува да биде бесплатно дигитално издание сé додека луѓето не сфатат дека и хорор литературата е дел од уметноста, со свои правила, вредности и квалитети. Секако дека останува простор некој од македонските издавачи да ги надмине своите предрасуди околу жанрот и да ја издаде книгата во печатена форма, а сé додека тоа научно-фантастично сценарио не стане реалност оваа збирка на хорор раскази ќе може да ја симнете од овој блог под капата на „Македонски Кошмар“. „Морбидизам“ е прилично субверзивна и бизарна книга која мора да биде издадена на овој начин за бескомпромисно да се сочува нејзината моќ. 

Печатеното издание на книгата е во подготовка.






Sunday, July 8, 2012

Danse Macabre 104 епизода: Кој се плаши од жените?




Women in Horror

            На полноќ помеѓу трети и четврти јули на брановите на Канал 103 започна 104 издание на радио хорор емисијата Danse Macabre посветено на жените во хорор индустријата. Во оваа емисија имавме две гостинки со кои јас и Боки позборувавме за различните ставови кои ги имаат гледачките на хорор филмови со одредени проблематики кои го тангираат жанрот, како на пример финалните девојки, голотијата во филмовите и воопшто создавањето на женски ликови на филмското платно. Зборувавме и за неколку актерки кои со своите изведби имаат оставено траен белег не само во својата кариера туку и во хорор жанрот, актерки како Сигурни Вивер, Џејми Ли Кертис, Барбара Стил, Ингрид Пит. Зборувавме за револуцијата која на овој план ја направи и Елвира со нејзината шармантна појава на филмското платно и за самата трансформација од актерки кои глумат жртви во хорор филмови стануваат актерки кои се кралици на мракот и олицетворение на злото. Во емисијата секако дека не останаа заборавени и големиот број на хорор режисерки кои се обидуваат да создадат свој кинематографски стил во филмскиот свет со кој доминираат мажите, авторки како: Мери Харон, Мери Ламберт, Џенифер Линч, Роберта Финли, Антонија Бирд, Клер Дени и многу други. Музиката која беше составен дел од емисијата се состоеше од композиции на бендови кои имаат женска вокална интерпретаторка како на пример: Which Mountain, Blood Ceremony, Opera IX, The Creepshow, Zombina And The Sceletons, Coven, Cadaveria,  Matriarch, Malsain, Ordo Funebris и многу други.
            Линкот за спуштање на емисијата, како и секогаш, може да го пронајдете под текстов. Со оваа емисија се надеваме дека помогнавме во рушење на неколку полови стереотипи за тоа кој смее да биде пред и зад камерата за време на снимање на хорор филмови. Ова е претпоследна епизода на Danse Macabre за оваа сезона, така што до наредното слушање уживајте во хорор филмови и плашете се.

Линк за емисијата:   















Monday, July 2, 2012

Danse Macabre 103 епизода: Гаспар Ханеке





















Gaspar Haneke

            На полноќ помеѓу 26 и 27 јуни започна 103-тото издание на радио хорор емисијата Danse Macabre на Канал 103. Оваа епизода беше посветена на двајца маестрални режисери чиј имиња се поим за субверзивната кинематографија, господата Гаспар Ное и Михаел Ханеке. Во оваа епизода Јас и Боки се обидовме да пронајдеме неколку заеднички нишки помеѓу делата на овие автори, но во преден план беше анализата на нивниот стил на режирање, најчестите теми кои ги тангираат нивните филмови и начинот на кој ја изведуваат стилизацијата на насилството и порнографијата. Во преден план од кинематографијата на Ное беа поставени неговите краткометражни филмови, но секако дека неговите феноменални три долгометражни филмови не беа поштедени од нас. Акцентот беше поставен на начинот на естетизацијата на порнографијата, инцестот и силувањето во неговите филмови, стилизирањето на одмаздата и носењето на круцијални одлуки врз основа на гневот. Од Ханеке во центарот на вниманието беше неговата „глечерска“ трилогија, поигрувањето со концептот на децата како насилници и убијци,  воајеризмот и медиумите, алиенацијата на европскиот човек/семејство во модерните општества, потиснатите сексуални пориви и други тематски одредници кои се во неговите филмови. Музиката за оваа емисија мораше да биде доволно агресивна како и самата тема, па затоа во музичките блокови ќе слушнете композиции од: Slayer, Kreator, Exodus, Tool, Cathedral, Candlemass, Pantera, Black Label Society, Peter Steele, Paradise Lost, Kyuss, King Diamond и многу други.   
            Под текстот може да го пронајдете линкот за симнување на емисијата. Со оглед на тоа што погубно е фаворизирањето на било кој од овие револуционерни режисери, се обидовме да направиме една кованица – Гаспар Ханеке, зборовна формула која најдобро ќе го претстави сублиматот на филозофската, идеолошката и визуелната генијалност на овие сликари на мрачните домени на човечкото постоење. До наредното слушање, гледајте хорор филмови и плашете се!

Линк за емисијата: