Tuesday, March 12, 2013

КОШМАР број 14 (есен/зима 2012/2013)





            Излезе во продажба четиринаесеттото издание на македонското хорор списание Кошмар. Секој број на Кошмар има свои новитети, а овој број може да се пофали со неговата проширена големина. Имено, 14-тото издание на Кошмар се простира на 56 страници. Тој нов простор е исполнет со интервјуа со хорор режисери од три континенти, режисери кои имаат снимено голем број на квалитетни модерни хорор филмови. Во овој број на Кошмар ќе може да ги прочитате интервјуата со британските режисери Адам Мејсон и Алекс Чендон, со француската режисерка со босанско потекло Лусил Хаџихалиловиќ, хорор режисерот од Колумбија Антонио Негрет и со американскиот режисер Адам Рејмајер. Анализирани се актуелните хорор филмови како новото остварување на францускиот режисер Паскал Ложие The Tall Man, хорор антологијата ABC’s Of Death, cinema verite хорорите Lovely Molly и V/H/S, новиот филм на Џенифер Линч Chained, Дикерсоновиот Sinister, продолженијата: The Collection и The Thompsons, хируршките American Mary и Excision, јапонски хорор филмови и модерни хорори инспирирани од италијанските хорори на 60-тите и 70-тите години на минатиот век. Хорор комедиите се неизбежен дел и од овој број на Кошмар. Честа на хорор класиците во 14-тиот број на Кошмар ја бранат Tenebre на Арџенто, Peeping Tom на Пауел, Tesis на Аменабар, Rosemary's Baby на Полански, The Devils на Кен Расел, Sisters на Де Палма, режисерот чијшто филмски опус на долго и на широко е елабориран во ова издание и други филмови. Новитет е рубриката посветена на авторите на специјални ефекти и прегледот на нивното животно дело како составен дел од хорор културата, а избраникот за овој број е Том Савини.  
            Во овој број на Кошмар исто така може да прочитате текстови за Mondo Cane и Halloween серијалот, анализа на American Horror Story: Asylum и на три епизоди од првата сезона на серијата Fear Itself. Убиецот на ова издание е Ghostface. Во овој број ќе може да прочитате и еден есеј за значењето и местото на 3Д технологијата во хорор жанрот. Апокалиптичните и постапокалиптичните хорор филмови го имаат најдено своето место во хорор идеологијата на овој број. Филмските вести и извештајот од светските хорор филмски фестивали исто така се присутни во ова издание. Текстот за златните години на експанзијата на американскиот хорор стрип е дел од овој број, исто како и музичките рецензии засилени со враќањето на рубриката посветена на филмската музика. Во списанието има и едно портфолио на GAP Photography фото студиото кое се занимава со промовирање и ширење на хорор културата. Во овој број рецензирани се книгите: The Last Final Girl на Стивен Грахам Џоунс и збирката раскази Морбидизам на Златко Ѓелески, авторот на Кошмар. Ова издание не би било целосно без новиот расказ на авторот на списанието и неговите видувања презентирани во рубриката Последен здив.
            Авторот на Кошмар се извинува доколку некоја фотографија е премногу темна, списанието се печати со крв, а крвта знае да биде доста проблематична.         
Кошмар треба да го има во секој дом на македонските хорор фанови и љубителите на хорор филмови, затоа што ова списание е создадено за нивно уживање. Излегува два пати во годината, а потребна е двомесечна интензивна работа за создавање на еден број. Тие што ќе го купат Кошмар се тие што ќе добијат многу повеќе за тоа што ќе го платат. Реалната цена на ова списание е десет пати поголема, но поради македонскиот стандард таа изнесува само 80 денари. Ако гледате хорор филмови Кошмар е списанието за вас и дозволете му да биде вашиот водич во светот на мрачната уметност. Пратете мејл или порака на авторот на списанието и нарачајте го ова издание или некое од постарите изданија. Квалитетот на Кошмар може да го потврдат долгогодишните читатели на списанието. Гледајте хорор филмови и уживајте во нив. Смрт за цензурата и политичката коректност. Да живее 14-тиот Кошмар.

Автор: Златко Ѓелески
Контакт мејл: koshmarmk@yahoo.com   
Контакт телефон: 071-602-119