Gaspar Haneke
На полноќ помеѓу 26 и 27 јуни
започна 103-тото издание на радио хорор емисијата Danse Macabre на Канал 103. Оваа епизода беше посветена на двајца
маестрални режисери чиј имиња се поим за субверзивната кинематографија,
господата Гаспар Ное и Михаел Ханеке. Во оваа епизода Јас и Боки се обидовме да
пронајдеме неколку заеднички нишки помеѓу делата на овие автори, но во преден
план беше анализата на нивниот стил на режирање, најчестите теми кои ги тангираат
нивните филмови и начинот на кој ја изведуваат стилизацијата на насилството и порнографијата.
Во преден план од кинематографијата на Ное беа поставени неговите
краткометражни филмови, но секако дека неговите феноменални три долгометражни
филмови не беа поштедени од нас. Акцентот беше поставен на начинот на
естетизацијата на порнографијата, инцестот и силувањето во неговите филмови,
стилизирањето на одмаздата и носењето на круцијални одлуки врз основа на
гневот. Од Ханеке во центарот на вниманието беше неговата „глечерска“
трилогија, поигрувањето со концептот на децата како насилници и убијци, воајеризмот и медиумите, алиенацијата на
европскиот човек/семејство во модерните општества, потиснатите сексуални пориви
и други тематски одредници кои се во неговите филмови. Музиката за оваа емисија
мораше да биде доволно агресивна како и самата тема, па затоа во музичките
блокови ќе слушнете композиции од: Slayer,
Kreator, Exodus, Tool, Cathedral, Candlemass, Pantera, Black Label Society,
Peter Steele, Paradise Lost, Kyuss, King Diamond и многу други.
Под
текстот може да го пронајдете линкот за симнување на емисијата. Со оглед на тоа
што погубно е фаворизирањето на било кој од овие револуционерни режисери, се
обидовме да направиме една кованица – Гаспар Ханеке, зборовна формула која
најдобро ќе го претстави сублиматот на филозофската, идеолошката и визуелната
генијалност на овие сликари на мрачните домени на човечкото постоење. До
наредното слушање, гледајте хорор филмови и плашете се!
Линк за емисијата:
No comments:
Post a Comment