Wednesday, January 18, 2012

Danse Macabre 83 епизода: Оживување на митолошките монструми на Канал 103




Во името на главите на Кербер


            На полноќ помеѓу 13 и 14 јануари 2011 година на фрекфенцијата на Канал 103 започна 83 издание на хорор емисијата Danse Macabre кое беше посветено на митолошките суштества кои се појавуваат во хорор филмовите и уништуваат сé живо и диво. Оваа епизода беше наменета за антагонистите, а не за хероите кои по секоја цена мора да победат во борбите со овие ѕверски продукти на имагинацијата на античките народи. Во овие (скоро) два и пол часа може да слушнете прикази за чудовиштата кои може да се сретнат во хеленистичката митологија како што се Горгоните, Минотаурот, Кербер, Харпии, Кентаури, Химери, Мантикора, Сирени и други, потоа започнавме да се движиме низ меридијаните со африканските Сфинги, Грифон и Молох, ирските Леприкони, скандинавските Тролови, Кракени и Јотун, азиските Змејови, француските Гаргојли, а вклучена беше и една магиска инкантација за античките суштества од Лавкрафтовата имагологија која послужи за нивно оживување во етер (налик Некрономикон од Evil Dead). На крајот ги наговестивме и неколкуте хорор филмови во кои се појавуваат овие величествени креации на човечката фантазија, филмови како: The Gorgon, Land of the Minotaur, Cerberus, Harpies, Q: The Winged Serpent, Malpertius, Cast A Deadly Spell, Troll Hunter, Leprechaun серијалот и споменати беа и мејнстрим класиките како: The Odyssey, Clash of the Titans, Beowulf и Reign of Fire. Музичкиот сегмент на оваа епизода го посветивме на психоделичниот и прогресивен рок енд рол на 70-тите со бендовите како Goblin и Gentle Giant и нивните модерни „реинкарнации“ во психоделичните стонери и пустински рок бендови како: My Sleeping Karma, Temper, Evil Cosmonaut, Sahara Surfers и емисијата ја запечативме со Type O Negative.  
            Во Danse Macabre секој петок е Петок 13-ти, но овој пат и буквално се погоди календарски да го овековечиме овој празник на сите хорор фанови. Јас, Ивица и Боки се обидовме да повикаме што е можно повеќе митолошки суштества во емисијата, но со оглед на лимитираниот простор и време кое го имаме на располагање се надеваме дека ги посочивме барем најпрепознатливите монструми со кои може да се дружите во вашите кошмари. Линкот за емисијата е под текстов, слободно слушнете го. Уживајте во хорор филмови.



Линк за емисијата:
 



Мантикора

Горгони

Молох

Леприкон

Химера

Грифин

Минотаур

Трол

Змеј   
Гаргојл

 


No comments:

Post a Comment