Кошмар денес го слави својот трет роденден од своето постоење. Со девет изданија зад себе, Кошмар ја докажа својата постојаност и посветеност кон хорор жанрот и хорор културата и низ неговите страници поминаа најквалитетните модерни хорор филмови, како и незаборавните класици, кои сé уште живеат во потсвеста на хорор гледачите во Македонија.
Во овие три години, Кошмар стекна многу нови пријатели и на љубителите на хорор жанрот им овозможи да уживаат во него на македонски јазик, доближувајќи ги насловите кои може да се погледнат во прекуокеанските кина, но не заостанувајќи зад светскиот квалитет. Кошмар запозна многу пријатели кои го почитуваат хорор жанрот славејќи го уживањето во хорор културата со тоа што ја прошири и во Македонија. Кошмар запозна многу пријатели и надвор од Македонија, голем број на луѓе го имаат и во Србија, посебно автори кои творат на полето на хорор жанрот во таа држава, а со неговата содржина се запознаени и голем број на хорор режисери насекаде во светот.
Кошмар сака да им се заблагодари на сите кои го подржуваа неговото постоење, читателите кои ги купуваа минатите броеви и тие што го ширеа неговото име. Кошмар ќе продолжи да живее за нив и ќе им остане верен и лојален и нема да ја злоупотреби нивнатата почит.
Имавме проблеми со запчињата на Кошмар, па затоа до сега цицаше само крв, а сега редовно јаде и мали парчиња човечко месо, за да добие и протеини во својот организам. Првиот збор што го изговори беше Gore, а потоа започна да зборува на мртви јазици и искрено голем дел од тоа што го говори не го разбирам. Сето тоа ми звучи како еден магиски ритуал. Се растрчува на сите страни и доста е заинтересиран за светот околу него, а посебно сака да си игра со мртви животни. Сака да црта, најмногу со црни и црвени креони, сака да гради згради со своите коцки и потоа ужива кога со топките ќе ги руши и потоа бега од местото на злосторството. Дури започна да ги погодува убијците во хорор романите што ги читам.
Десеттиот број на Кошмар излегува во август, па затоа подгответе се за уште едно крваво издание на македонскиот хорор магазин.
No comments:
Post a Comment