Monday, April 13, 2015



Согледбите на писателот како читател на „Колекционерот на страв“ од Златко Ѓелески

Втората книга на Златко Ѓелески – „Колекционерот на страв“ е нестандардна книга во секој аспект на нејзиното поимање. Не треба многу подалеку да се погледне од нејзините две насловни обвивки да се заклучи дека станува збор за концептуален потфат кој нaјдобро го доловува контрапунктот на двете книги кои се наоѓаат во овој литературен хибрид.

Ако за дебитантското остварување на Златко Ѓелески - „Морбидизам“ важеше потребата за експонирање на мрежата на диверзитетот на жанровската литература и експериментирањето со фантастичниот расказ, истражувајќи ги најмрачните димензии на човештвото, со соодветна егзистенцијалистичка филозофија зачинета со надреални и натприродни сегменти, „Колекционерот на страв“ ја предочува тенденцијата за закотвување на литературните дидаскалии на конкретни локации, доловувајќи го микрокосмосот на избраните места каде е засадено грозоморно чинодејствие кое има за цел да долови еден макрокосмички след на детеријацијата на човештвото. Во срцето на оваа мистична фантастика се наоѓа семето на злото кое го носат во себе сите ликови и го шират со нивните свирепи и арогантни одлуки поради кои ги уништуваат сопствените животи и животите на блиските. Улогата на писателот е да биде хирург кој ќе ги пресече малигните, некрозните и порочните делови од душата со помош на жанровската литература која има со цел да послужи како артефакт за едно збиднување кое никогаш не смее да се случи.  

„Колекционерот на страв“ е составена од две целини. Првата е насловена „Некрово“, претставува новела ситуирана во едно мало проколнато место, каде паганизмот и суеверието секогаш го имаат последниот збор. Главниот лик, Трагач, по осумнаесет години се враќа во родното место со цел да ги ископа причинителите за замирањето на неговиот живот и пречките за зачекорување во иднината. Тој е арогантен осаменик кој се впушта во копање на потиснатите тајни во гробот на неговото минато, за при постепеното симнување по скалилата на лудилото да ја дознае поврзаноста со трулата и премолчена историја на злокобниот град. Следствено на спрегата меѓу јаловата носталгија по загубената младост и тлеењето во суровата реалност, се јавува каузалноста на универзумот и неговата смисла за иронија. Јазикот на моменти е слоевит, на моменти кршлив, а некогаш дури и разуздан од сите канони, соодветствувајќи на темпераментот на раскажувачот на сопствената агонија, кој се наоѓа во стадиум на пролонгиран делириум. Новелата е работена според урнекот на мрачниот романтизам, со силни влијанија на Шели, По, Џејмс, Волпол, Бекфорд, Луис, Бирс, амалгамирајќи ги со оставнината на модерните Стокер, Стивенсон, Грин, Хил, Ленсдејл, Баркер, Винтер-Демон, Ли, користејќи го јазикот на Лавкрафт во описите на ритуалите, култовите и прастарите ѕверови, водејќи го читателот низ бескрајното подземје, проколнатите куќи, интердимензионалните безднести портали меѓу световите и мрачните шуми на Некрово. За некого модерно Кукулино, за други реинкарнација на Данич. Структурата на делото е постмодернистички колаж кој ја сплотува епистоларната форма со извадоците од весници, дневнички запис и извадоци од монографија.

Втората целина го носи насловот „Гробницата на жививте мртовци“, составена од дваесетина раскази за ликови со меѓусебно испреплетени судбини, лоцирани во една чудесна зграда која се храни со нивната агонија и неуспехот за нивното реализирање. Со оваа плејада на ликови се запознаваме во моментите кога нивните животи скршнуваат од детерминираниот пат, затоа што избегнуваат од соочувањето со нивните емоции, живеејќи во кожурецот на нивниот конформизам.

Проблематиката на колекционерството се провлекува низ целата книга, претставувајќи нишка која ги овоплотува и соединува двете целини. Неизбежно е да се повлече заклучокот дека поседувањето на стравот во сите негови форми ќе биде погубно за неговиот колекционер, кој ќе биде последната жртва која ќе падне во посед на неговата колекција. Имам некое чудно претчувство дека писателот напишал книга којашто сакал да ја прочита.        






No comments:

Post a Comment