Saturday, April 11, 2015

Мемоари од Златко Ѓелески






МЕМОАРИ





Јас имав голем проблем. Добив губиток на сеќавање. Во одредени делови на денот не се сеќавав што точно сум правел. Како некој да ми ја избришал меморијата со некакваси семоќна гума за бришење. Не знаев кои би биле причините за една таква амнезија. На почетокот се загрижив да не сум се запознал со Алцхајмер на млади години, но откако ќе влезев во некакваси епизода на бессознание, многу добро знаев како се викам и знаев каде се наоѓам. Тоа ми даде лажна надеж дека ќе ја елиминирам оваа болест од списокот. Во една безизлезна состојба, си создадов список на можни болести кои би можеле да го тероризираат моето тело. Со оглед на тоа што докторите не знаеја што се случува со мене и немаа никакви логички или медицински објаснувања за моите „црни дупки“, бев присилен самиот да си вршам испитување врз своја кожа, целосно ненаучно затоа што науката немаше одговор за моите губитоци или добивки на свеста. Како телото да ме напушташе во тие „црни дупки“, а јас заглавував во некој непознат простор и време и ми изгледаше како еден миг да трае цела вечност во мракот. 
Моите „црни дупки“ или како што јас нагалено ги нарекував „зацрнувања“, беа доста нелогични. Фрустрацијата ми се зголемуваше поради фактот што откако ќе се разбудев од заборавот, се чувствував освежен, исполнет со некаква силна енергија. Тоа не беше будење од сон бидејќи знаев кога доброволно им се препуштам на домените на сонот, иако не можев да ги разберам нив. При нивното завршување не ја чувствував таа моќна енергија, во нив свесно влегував, тие несвесно се формираа и излегував како истиот човек кој влезе во нив. Секако дека ми беа потребни неколку секунди по будењето да ги избркам демоните кои сакаа да излезат од сонот во мојата соба, но штом не се манифестирале видливи промени, сметав дека и јас сум непроменет. Во моите губитоци на меморијата јас не влегував свесно, со намера и цел да им се предадам. Не знаев ни дали колабирам затоа што ме обземаа „црните дупки“. До моментот на моето повторно когнитивно отворање на очите со полн разум зад погледот, се враќав на себе како нов, препороден човек. Ја чувствував промената, но не можев да утврдам од каде и како таа пристигнала во моето тело, иако не сакав да ја прифатам како реална. Не знаев од што се состојат „црните дупки“. Знаев дека започнуваат со велот на мракот и завршуваат со исчезнувањето на тој тегобен превез. Мерачите на времето ми соопштија дека поминале неколку часови за кои мојот мозок нема никакви спомени. Не знаев со што се исполнети тие мрачни часови. 
Го јадев тоа што го јадев и пред да се случат „црните дупки“. Не се сеќавам кога се појавија за прв пат. Кога ќе ги погледнам фотографиите од минатото не можам точно да се сетам кога почнаа да се случуваат овие губења на сеќавањето. Знам само дека порано ги вбројував во моите дневни дремки. Но, набрзо почнав да ги разликувам дремките од овие црни дупки во помнењето.
Се обидов да се вратам следејќи ги своите стапки во мојот ден. Се обидов да се сетам кои беа последните процеси што сум ги извршувал пред да ми се врати свеста. Почнав да одржувам идентичен дневен ритуал на будења и навики за да знам точно во кој миг биле нарушени. Почнав да водам дневнички записи на своите дејствија, но тие некогаш остануваа нецелосни, а некогаш беа испишани со ракопис кој не можев да си го дешифрирам, за потоа да ми изгледаат како писмо што ми го испратил некој странец. Не можев да го прочитам тоа што сум го напишал. Катастрофа. Се чувствував како лабораториски глушец кој не го разбира концептот во кој е заробен. Последните сеќавања до кои доаѓав во моите дневнички записи беа ѕвонењето на ѕвончето на надворешната врата. Дупката не можев никако да ја пополнам ни со овие дневнички записи. Не можам да откријам кој е тој што доаѓа на мојата врата.
Решив секој миг од мојот ден да го снимам со дигитална камера. Ја снимав мојата дневна рутина со статично поставена камера и во моментот кога некој ќе заѕвонеше на вратата, ја земав камерата и заборавот започнуваше. Откако за прв пат си дојдов при свест, обземен од таа незапирлива енергија, решив да го премотам снимениот филм. Тоа што го видов на снимките ме запрепасти. На вратата се појави свештеник и зборуваше дека барал пари за некаквиси гомненици кои ни самиот не ги разбираше. Некаквиси мозокоперачки донации за некаковси објект. Јас ја држев камерата. Слушнав смеење. Свештеникот се налути и рече дека ако не сум плател, ќе сум направел нечесно дело. Кој му дава право на тој човек да одлучува што треба и што не треба да правам? Според снимката, јас сум го поканил внатре кажувајќи му дека ќе му го дадам тоа што му треба, иако не верувам дека тоа би го направил при здрав разум бидејќи чувствував омраза кон човекот дури и додека ја гледав снимката. Низ објективот гледам како свештеникот влегува во мојот дом, седнува во дневната, а камерата се движи до кујната, една рака зема нож, се доближува до свештеникот и раката која го држи ножот започнува континуирано да го прободува свештеникот. Тоа е мојата рака. Со едната рака снимам, а со другата вдлабнувам во телото на свештеникот за да го пронајдам изворот на неговата ослободена крв. Човекот умира пред објективот. Ја оставам камерата и во преден план е неговото безживотно тело. Се враќам во кадарот со секира во раката, го влечам лешот низ собата ставајќи го во најлонска вреќа и почнувам со секирата да го сечам неговото тело на помали парчиња. Пресечените парчиња ги врзувам во вреќата и повторно излегувам од кадарот. По некое време се враќам во собата, забревтан погледнувам во објективот на камерата со луцидна насмевка. Не можев да се препознам. Кој е тој што ме глумеше мене? Човекот личеше на мене, се движеше како мене, но глумеше според некое животно сценарио кое јас го немам прочитано. Тогаш се исклучи лентата и се сеќавам дека се разбудив со камерата в раце како ништо да не било, иако во неа се наоѓаше снимка која ми даде одговори на моите најголеми мистерии.
Почнав да се плашам од себеси. Не знаев како да реагирам. Откако го погледнав убиството, сфатив дека во мојата коматозна состојба, кога мојата потсвест управува со моето тело јас сум подготвен на сé. Што ако ова не е мојата прва жртва? Што ако не можам да запрам со убивање? Каде ги носам мртвите трупови? Ако полицијата дознае, оваа снимка може да биде клучен доказ за моето притворање и осудување. Што ќе променам ако ја уништам? Ништо. Нема да се избришат грозоморните чинови од историјата. Тоа е можеби нечиј татко, сопруг или што ти јас знам, а пресечен е на парчиња. Некој може да го побара. Што е пострашно од тоа, некој може да го најде. Наредниот ден може повторно да убијам и некој да ме забележи. Нема да им биде потребна снимката од убиецот кој ќе биде фатен на дело.
На почетокот се трудев да се одржам што е можно подолго во будна состојба, се повлеков во ќош и молчев. Наредниот ден слушнав тропање на мојата врата и ја загубив свеста. Повторно се разбудив со камерата в рака. Ми беше страв да погледнам што се случило, но истовремено морав да знам на што треба да бидам подготвен. На снимката беше снимено убиството на партиски член што ми ветува дека ќе ме вработел ако сум гласал за да дојде неговата партија на власт. Процедурата на неговото прободување, обезглавување и остранување на трупот беше идентична. Наредниот ден повторно ја загубив и повторно ја пронајдов свеста со помош на снимката на питачот кој влегува во мојот дом мислејќи дека ќе добие пари, но наместо тоа станува нова жртва во моите снафовски екстраваганци. Со помош на камерата, комплетирав колекција на изгаснати животи. Одвратно. Бев згрозен од себеси.
Сфатив дека нема да можам да престанам да убивам и со секој нов ден и секоја моја жртва, јас морав да се помирам со фактот дека не можам да се спротивставам на тоа што не можам да го контролирам. Од една страна не чувствував сожалување за лицемерните луѓе кои доаѓаа во мојот дом со маски на лицата и извежбан дијалог за изведбата или, пак, луѓето кои си даваа на значење со тоа што љубоморно ја критикуваат мојата или туѓата работа. Со секое наредно убиство, почнав да уживам во таа моја нова енергија. Се навлеков на неа. Почнав да ги подготвувам сечилата за веќе добро извежбаниот чин. Претпоставував дека омразата била искрата која ги иницирала моите „црни дупки“.
Заѕвони ѕвончето. Повторно се разбудив со камерата во моите раце. Рацете ми беа крвави. На подот лежеше едно осакатено мртво тело. Тоа беше телото на еден мој чичко. На снимката од камерата, овој член на фамилијата, кој го немало кога ми требал и секогаш бил опремен со изговор за тоа, сам си се покани во мојот дом за да му завршам некаква работа. За тоа негово самоволно влегување добил неколку гратис прободувања со ножот. Дојдов при свест само неколку мигови по неговата смрт. Ја оставив камерата и почнав свесно да го расекувам неговото тело на парчиња. Го спакував и го фрлив во најблискиот контејнер. По ова убиство, моите „црни дупки“ исчезнаа, но остана жедта за таа енергија.
Наредниот ден, кога ми заѕони ѕвончето на вратата, јас не ја загубив свеста. Свесно ја зедов камерата и го поканив гостинот кој го мразам во мојот дом. Зад мојот грб го чував ножот кој набрзо се запозна со неговите внатрешни органи. Неговата смрт свесно ја снимив со камерата. Од тој ден, преку моите мемоари се доближив до другиот јас кој живеел во мене. Навреме ја сфатив пораката која ми ја праќаше од другата страна на свеста. Му го разбрав јазикот и комуникацијата се воспостави. Ја повратив чудната енергија во моето тело, енергија од која немав намера да се одвикнам. Од тој миг за мене денот и ноќта станаа деноноќие, а тој што ги снимаше убиствата и јас, кој ги гледав, станавме еден човек со иста агенда. 

                                                                                               
                                                                                                12.2.2010

     

 Морбидизам, 88-91 стр

 



                                                                            (Фотографија на Јована Мишкоска)



















No comments:

Post a Comment