Thursday, August 29, 2013

ПРОМОЦИЈА НА МОРБИДИЗАМ И КРЕАТУРИ НА СМРТТА



   На 4-ти и 5-ти септември во Младинскиот Културен центар, во фоајето пред кино Фросина во 20 часот ќе се одржи промоцијата на збирката кратки хорор раскази „Морбидизам“ од Златко Ѓелески и изложбата на слики и цртежи насловена „Креатури на смртта“ од Аврамоски Игор. Промотивната цена на збирката „Морбидизам“ од Златко Ѓелески изнесува 150 денари. Со првите педесет примероци следува аудио диск со раскази прочитани од самиот автор на книгата. Предвиден е коктел за посетителите на настанот кој го носи името „Заробувачи на смртта“. Влезот е слободен, а присуството е задолжително!



Што ќе добиете ако ја помешате опсесијата на ликовите на По, лудилото од светот на Лавкрафт, надреалниот апсурд на Кортесар, телесниот хорор на Баркер, отуѓеноста на Кафка, сеништата и покојниците на Мамлеев, авторската автодеструкција на Кинг, со бодлерова фасцинација за естетизацијата на грдото и со здрава доза на егзистенционализам, психоанализа, дуализам и кошмарни халуцинации, зачинето со научна фантастика и црн хумор, реализирани во постмодернистички манир? Одговорот е „Морбидизам“ на Златко Ѓелески.
Љубителите на филмот во книгата ќе може да откопаат реминесценција на калеидоскопски колажи од Twilight Zone до Дејвид Кроненберг и Линч; од Кен Расел, преку Дарио Арџенто до Брајан де Палма.
Морбидизам“ е манифест на македонскиот фантастичен расказ, а неговиот автор е борец за литературата на имагинарното, истражувач во најтемните простори на човечкото постоење, смело откривајќи ги домените на натприродното, необјаснливото, непознатото и забранетото знаење. Хорор преданија раскажани на македонски начин. Педесет кратки и смели литературни бодежи кои никој читател нема да го остават рамнодушен.
Златко Ѓелески е писател, филмски, музички и книжевен критичар, роден на 9 февруари 1986 година во Битола. Основно и средно училиште има завршено во Кичево, а дипломира на катедрата за општа и компаративна книжевност при факултетот „Блаже Конески“ во Скопје во 2010 година. Живее во Скопје.
Активно работи за промовирање на хорор културата во Македонија, автор, уредник и издавач е на хорор списанието „Кошмар“ од 2008 година до денес. Тој е дел од водителската екипа на радио хорор емисијата „Danse Macabre“ на Канал 103. Тој има објавено голем број на филмски рецензии во неколку магазини и е уредник на веб страната movies.mk и има објавено неколку музички рецензии на plagijat. Toj e еден од организаторите на ревијата на хорор филмови „Мрак Фест“.
Морбидизам“ е неговата прва збирка на раскази. Во подготовка е неговата втора збирка наречена: „Колекционер на страв“.





Изложбата на слики и цртежи „Креатури на смртта“ се состои од четири циклуси посветени на раѓањето, создавањето, умирањето и повторното раѓање на смртта. Аврамоски Игор успева да ја зароби вечната мистерија на сликарското платно, да му даде живот на умирањето и да ги долови сите фази на декомпозицијата на непостоењето.
Смртта е присутна во сите наративи на оваа серија. Таа ја предизвикува тагата кон изгубените сакани, ширејќи го својот деструктивен допир со кој руши цели семејства, само за да собере нови примероци за својата колекција на смртници. Taa ја почнува играта на судбината која од гледачот прави бродоломец соочен со неоткриените мистерии на проколнатиот остров со кој владеат демонските сили, носители на човечкото лудило. Таа е биограф на мртвиот дух кој се ослободува од запечатениот гроб и ја шири својата злоба над градот на иднината. Таа ги крои сцените на распаѓањето, сонот на смртта и чекорите кон небиднината. Смртта станува верен сопатник на гледачот низ мрачните димензии на творештвото на Аврамоски Игор.
Делата на Аврамоски кокетираат со хорор жанрот, но истовремено поседуваат сопствена длабочина и одредена доза на загадочност која ве тера да се замислите над нив. reper.net.mk
Аврамоски Игор е роден 1993 година во Кичево. Средно училиште заврши во гимназијата Мирко Милески во Кичево, на отсекот Електротехничар-Енергетичар. Во периодот 2009-2012 се занимаваше со музика, и беше фронтмен на кичевскиот бенд Arrested Army, а во меѓувреме се роди љубовта кон ликовната уметност, па откако бендот се растури Игор сериозно почна да се занимава со ликовната уметност. Во 2012 почна да студира во ликовната академија св. Кирил и Методиј – Скопје, на отсекот Ликовна педагогија.

 



No comments:

Post a Comment