Wednesday, October 26, 2011

Мракфест







Ревија на современ хорор филм во Ла Кања од 30 октомври до 3 ноември 



            Мракфест како идеја постоеше подолго време, но се чекаше на погоден момент за нејзината реализација. Причината за нејзиното создавање е доста едноставна-потреба за прикажување на модерни хорор филмови со поширока публика и комуникација со луѓето кои сакаат да гледаат хорор филмови во Македонија.  
            Мракфест го создадовме јас и Ивица Дукоски, а неговиот „кум“ и логистичка поддршка на ревијата е Бојан Анастасов. Тоа се луѓето кои ќе Ви овозможат да погледнете дел од најзначајните хорор филмови создадени во последните неколку години, филмови кои не смеете да ги пропуштите.    
            Сите вечери се концептуални. Тоа беше нашата појдовна точка за организирање на ревијата на филмови. Така на пример првата вечер ќе се фокусираме на американскиот хорор филм и ќе се обидеме да продреме во „тајните на занаетот“ со помош на најголемите жанровски режисери кои ќе бидат дел од документарецот American Nightmare, а втората проекција е наменета за можеби најактуелниот и најсвежиот хорор филм во светот The Woman. Втората вечер е Ноќта на Вештерките, кога планирани се проекциите на еден од најзабавните филмови кои ја разработуваат проблематиката на убијците во слешер филмовите Behind the Mask: The Rise of Leslie Vernon, а нема подобар филм од Trick 'r Treat кој може да го долови целосниот амбиент и суштината на тоа што претставува Хеловин. Во вторник е третата вечер која нагалено ја нарекуваме „Снежна ноќ“. Прва проекција е забавниот норвешки хорор филм во кој се трага по тролови во Скандинавските шуми наречен Troll Hunter, а вториот филм е Frozen, сурова американска безизлезна ситуација. Четвртата вечер е ноќ на модерниот француски хорор филм, кога ќе се прикажат најквалитетниот филм кој го има режирано Александре Ажа Haute Tension и можеби најзначајниот и најнихилистичкиот хорор филм во последните дваесет години бруталниот Martyrs. Последната вечер е ноќ на модернизација на основните хорор постулати. Првиот филм е австралијанскиот The Loved Ones, односно матурскиот The Texas Chainsaw Massacre и вториот е Insidious олицетворување за концептот на опседната куќа со духови и патување низ паралелни светови. Помеѓу секоја прокекција ќе има колаж на трејлери на хорор филмови од оваа година, чисто колку да се погледне што светот нуди на полето на хорор филмот, односно што се случува надвор од Македонија. По филмската програма на отворањето и затворањето на ревијата има DJ сетови во Ла Кања.
            Како надополнување на сето тоа промовиран ќе биде и новиот број на македонското хорор списание Кошмар кое ќе може да се купи по цена од 60 денари во просторот каде ќе се одржуваат проекциите во Ла Кања. 
            Официјално фестивалот започнува во недела на 30 октомври во 17 часот со една дебата за хорор жанрот и хорор културата, а проекциите на филмовите се со почеток од 18 и 20 часот, а DJ сетовите се во недела и четврток во 22 часот. Местото на случувањето е Ла Кања, а влезот е бесплатен за сите настани. Ревијата трае од 30-ти октомври до 3-ти ноември. Затоа сите љубители на хорор жанрот и добрата музика се поканети на ова случување.   
Мракфест ќе биде одржан во духот на празнувањето на Халоуин како што му доликува на самиот празник, со Jack O' Lantern тикви, одлични хорор филмови и морничава музика. 

Недела 30 октомври



Понеделник 31 октомври




Вторник 1 ноември



Среда 2 ноември


 Четврток 3 ноември


 

ПРОГРАМА

Недела, 30 октомври

17ч - Отварање на Мракфест и муабети за хорор филмот со Ѓорѓи Јаневски, Јане Алтипармаков, Златко Ѓелески и Ивица Дукоски
18ч - Американскиот кошмар (The American Nightmare, 2000)
20ч - Жената (The Woman, 2011)
22ч - Халоуин загревање со Игор Калц и Danse Macabre

Понеделник, 31 октомври

18ч - Позади маската: подемот на Лесли Вернон (Behind the Mask: The Rise of Leslie Vernon, 2006)
20ч - Trick 'r Treat (2007)

Вторник, 1 ноември

18ч - Ловец на тролови (Trolljegeren, 2010)
20ч - Замрзнати (Frozen, 2010)

Среда, 2 ноември

18ч - Висока тензија (Haute tension, 2003)
20ч - Маченици (Martyrs, 2008)

Четврток, 3 ноември

18ч - Саканите (The Loved Ones, 2009)
20ч - Подмолно (Insidious, 2011)
22ч - МРАК со Теа Шалдева и Симеон Митев




Линкови за повеќе информации:


 http://mrakfest.blogspot.com/

http://www.facebook.com/event.php?eid=105411549571604

No comments:

Post a Comment