Во продажба е новиот број на Кошмар
Во овој број на Кошмар има одлични модерни филмови кои се излезени неколку месеци пред да започне пролетниот молк и јас не планирам да ставам подпросечни филмови на насловна, а ниту да трошам време на нивното бесцелно анализирање (како што прават моите колеги во светот). Овој број е правен како контрапункт на наредниот (Кошмар 11) кој ќе биде олицетворение на најсубверзивните и најгрозоморните модерни хорори, а овој е посветен на експерименталните, авангардни, трансгресивни филмови (затоа и преовладуваат европските и азиските). Овој број и наредниот се во една инцестуозна врска како сестриче и братче, односно перверзни жена и маж.
Во пролетниот број на Кошмар, со помош на интервјуата кои ги направив, ќе се запознаете со двајца одлични режисери. Едниот е Австралијанецот Џејк Кенеди, а другиот е Американецот Кевин Хамедани. Како што веќе нагласив, во овој број анализирани се филмови од европската и азиската кинематографија, како на пример грчкиот Dogtooth, францускиот In Their Sleep, шпанскиот The Last Circus, данскиот Valhalla Rising, британскиот Black Death, финскиот Rare Exports, норвешкиот The Troll Hunter, како и јапонските: Tetsuo 3 The Bullet Man, Confessions и хонкгонгшкиот Dream Home. Честа на Американците и Канаѓаните во овој број ја бранат: авангардниот Rubber, продолжението Scream 4, независниот Red, White & Blue и крвавиот Hobo With A Shotgun, како и хорор комедиите: Last Lovecraft, Tucker And Dale Vs Evil, Burke And Hare. Потсетник на старите добри времиња се филмовите: Хуперовиот The Texas Chain Saw Massacre, Dawn Of The Dead на Ромеро, Демовиот Silence Of The Lambs, Battle Royalе на Фукасаку, Freaks на Браунинг и убиствениот The Poughkeepsie Tapes. Во овој број можете да прочитате за првите два дела на Traces Of Death шокументарецот, приказ на Psycho серијалот, втората сезона на Masters Of Horror и петтата сезона на Dexter, пресек на биографијата и филмографијата на Такаши Мике, филмскиот сериски убиец Анџела Бејкер, идеологијата на Врколачкиот хорор поджанр и текст кој го акцентира значењето на непредвидливото насилство во хорор жанрот. Во контињерот повторно се наоѓаат најлошите филмови кои не треба да ги гледате, како и секогаш, има и фестивалски рапорт како и филмски новости. Од музичките рецензии ќе читате за хорор панк и психобили изданијата во рубриката Дисторзиран хорор, филмска музика во Аудиодром и грајнд во Грајндер. Во бројот има анализа на хорор книга и расказ на авторот на Кошмар.
Овој број на Кошмар е сведок на пролетната филмска тишина во рамките на хорор жанрот на светско ниво. По предновогодишната лавина на хорори следи сушен период во кој може да се погледнат бесквалитетни независни хорори и подпросечни филмови на големите студија со исцедени клишеа. Би сакал јас да ја преземам вината, со тоа што не сум доволно способен да најдам модерни ремек-дела, но за жал не сум јас виновен што таквите не само што се ретки туку и не постојат. Затоа за миг Кошмар ја напушти Америка и се посвети на љубителите на хорор филмот да им прикаже што се готви во хорор работилниците во Европа и Азија.
Кошмар постои три години и има намера да постои уште многу подолго од тоа. Ова е магазин работен со ентузијазам и посветеност и јас како автор најмногу ја ценам подршката што ја добивам од читателите кои го читаат овој магазин и отворено дискутираат за хорор жанрот. Кошмар е тука да го пополни недостатокот на пренос на информации од светот до Македонија на ниво на хорор жанрот и да ја прикаже во целост неговата грандиозност и убавина. Уживајте во хорор филмовите.
Сите си имаме индивидуални клетви, нешто што ни е неудобно и нешто со што треба да се соочиме, како што јас правам хорор филмови.
Вес Крејвен
No comments:
Post a Comment