Thursday, October 27, 2011

КОШМАР 11


    
          Новиот број на Кошмар за лето 2011 година е во продажба

 
     
            Се состави коцката и Ксенобајтите излегоа од Пеколот. Излезе во продажба новиот број на македонското хорор списание Кошмар точно пред најголемиот празник на хорор фановите-Халоуин. Во духот на самот празнување, овој број на Кошмар е комплетирање на концептуалниот дуалитет кој беше започнат со претходниот број. Имено, во претходниот број беа задржани поавангардните, поуметничките хорор филмови, за да се отвори простор за акумулирање на најбизарните, најкрвавите и најбруталните модерни хорор филмови да заживеат во овој број. Се комплетираше целосната слика на два круцијални аспекти на хорор жанрот, уметничката експресија и бескомпромисната бруталност. Тоа остава простор секој хорор фан да си го пронајде тоа што му се допаѓа од самиот жанр.
            Единаесеттиот тестамент на Кошмар е женски број наменет за мажи, барем според тоа што може да се заклучи од визуелната понуда. На насловна се наоѓа The Woman, а постерите на последните страни се High Tension и Possession. Не сакам да слушнам некој да рече дека е дискриминиран, има крв за сите. Во овој број на Кошмар објавени се интервјуата со еден од најдобрите европски хорор писатели Дејан Огњановиќ и интервјуто со контроверзниот канадски филмски гениј Карим Хусеин. Покрај честа да се има модерното ремек-дело на Лаки Мекки на насловна, од останатите модерни хорор филмови кои подлегнаа на сечилото од анализата на овој број се: Seconds Appart на Негрет и ирскиот Wake Wood, Вановиот Insidious и лудачкиот Grave Encounters, домашните инвазии во Kidnapped и Mother's Day на Боусман. Психолошките Luster и The Caller, слешерските продолженија Chromeskull: Laid To Rest 2 и Final Destination 5, бизарните Wound и Cold Fish. Во списанието се отвори простор и за нова рубрика која ќе ги тематизира независните брутални хорор филмови кои ќе се сепарираат од другата содржина во една крвава грајндхаус проекција во која може да прочитате за Psycho Holocaust и Maskhead. Во овој број секако дека има место и за новите хорор комедии: британската Attack The Block, јапонската Big Tits Zombie и романските Strigoi. Од хорорите од минатото, кои не смее да се заборават, своето место во списанието го најдоа: The Exorcist на Фридкин, Possession на Жулавски, психолошкиот Jacob's Ladder, Кроненберговиот Shivers, францускиот High Tension и The Mummy со Борис Карлоф. Контињер-от е полн со незначајни филмови кои секако дека треба да се заборават. Во Кошмар 11 ги има последните епизоди од втората сезона на Masters of Horror серијалот, анализа на првата сезона на The Walking Dead, приказ на филмскиот серијал за The Omen, третиот и четвртиот дел од шокументарците на Traces Of Death серијалот. Џо Данте е режисерот чија биографија и филмографија е приложена во бројот, а овој пат убијците од Фајрфлај семејството ја збогатија содржината на бројот. Како што може да се забележи од изборот на филмови доминира една хорор идеологија која можеби беше потаен предвесник на бројот, а тоа се Боди хорор филмовите кои ги има во поголем број во ова издание. Во овој број го има и извештајот од филмските хорор фестивали и тоа што ќе се подготвува во идина на полето на хорор кинематографијата. Музичките рецензии не се изоставени и доследно на концептот тука се грајндерските рецензии, рецензиите на хорор панк бендовите и саундтраците. Од литературниот аспект, во списанието има еден есеј за тоа што значи пиратеријата и зошто таа постои, анализа на збирка раскази од српскиот автор Ненад Стакиќ и бизарен расказ на авторот на Кошмар.   
            Цената останува иста (60 денари), бројот на страните останува ист (40), форматот исто така е идентичен (А4), но различна е неговата внатрешност, испечатена на крвавите страни. Овој Халоуин поминете го со маска на лицето, јаболко со жилет во едната рака и Кошмар во другата. Новиот број, како и претходниот број на Кошмар, ќе може да ги купите и на Мракфест, ревијата на современ хорор филм кој ќе се одржи од 30 октомври до 3 ноември. Уживајте во хорор филмовите и читајте Кошмар.  


Во сите хорор филмови во кои имам учествувано, сите жени кои ги имам глумено беа силни жени. Никогаш не сум глумела жртва, иако секогаш сум била во опасност.

                                                                                 Адриен Барбо









Wednesday, October 26, 2011

Мракфест







Ревија на современ хорор филм во Ла Кања од 30 октомври до 3 ноември 



            Мракфест како идеја постоеше подолго време, но се чекаше на погоден момент за нејзината реализација. Причината за нејзиното создавање е доста едноставна-потреба за прикажување на модерни хорор филмови со поширока публика и комуникација со луѓето кои сакаат да гледаат хорор филмови во Македонија.  
            Мракфест го создадовме јас и Ивица Дукоски, а неговиот „кум“ и логистичка поддршка на ревијата е Бојан Анастасов. Тоа се луѓето кои ќе Ви овозможат да погледнете дел од најзначајните хорор филмови создадени во последните неколку години, филмови кои не смеете да ги пропуштите.    
            Сите вечери се концептуални. Тоа беше нашата појдовна точка за организирање на ревијата на филмови. Така на пример првата вечер ќе се фокусираме на американскиот хорор филм и ќе се обидеме да продреме во „тајните на занаетот“ со помош на најголемите жанровски режисери кои ќе бидат дел од документарецот American Nightmare, а втората проекција е наменета за можеби најактуелниот и најсвежиот хорор филм во светот The Woman. Втората вечер е Ноќта на Вештерките, кога планирани се проекциите на еден од најзабавните филмови кои ја разработуваат проблематиката на убијците во слешер филмовите Behind the Mask: The Rise of Leslie Vernon, а нема подобар филм од Trick 'r Treat кој може да го долови целосниот амбиент и суштината на тоа што претставува Хеловин. Во вторник е третата вечер која нагалено ја нарекуваме „Снежна ноќ“. Прва проекција е забавниот норвешки хорор филм во кој се трага по тролови во Скандинавските шуми наречен Troll Hunter, а вториот филм е Frozen, сурова американска безизлезна ситуација. Четвртата вечер е ноќ на модерниот француски хорор филм, кога ќе се прикажат најквалитетниот филм кој го има режирано Александре Ажа Haute Tension и можеби најзначајниот и најнихилистичкиот хорор филм во последните дваесет години бруталниот Martyrs. Последната вечер е ноќ на модернизација на основните хорор постулати. Првиот филм е австралијанскиот The Loved Ones, односно матурскиот The Texas Chainsaw Massacre и вториот е Insidious олицетворување за концептот на опседната куќа со духови и патување низ паралелни светови. Помеѓу секоја прокекција ќе има колаж на трејлери на хорор филмови од оваа година, чисто колку да се погледне што светот нуди на полето на хорор филмот, односно што се случува надвор од Македонија. По филмската програма на отворањето и затворањето на ревијата има DJ сетови во Ла Кања.
            Како надополнување на сето тоа промовиран ќе биде и новиот број на македонското хорор списание Кошмар кое ќе може да се купи по цена од 60 денари во просторот каде ќе се одржуваат проекциите во Ла Кања. 
            Официјално фестивалот започнува во недела на 30 октомври во 17 часот со една дебата за хорор жанрот и хорор културата, а проекциите на филмовите се со почеток од 18 и 20 часот, а DJ сетовите се во недела и четврток во 22 часот. Местото на случувањето е Ла Кања, а влезот е бесплатен за сите настани. Ревијата трае од 30-ти октомври до 3-ти ноември. Затоа сите љубители на хорор жанрот и добрата музика се поканети на ова случување.   
Мракфест ќе биде одржан во духот на празнувањето на Халоуин како што му доликува на самиот празник, со Jack O' Lantern тикви, одлични хорор филмови и морничава музика. 

Недела 30 октомври



Понеделник 31 октомври




Вторник 1 ноември



Среда 2 ноември


 Четврток 3 ноември


 

ПРОГРАМА

Недела, 30 октомври

17ч - Отварање на Мракфест и муабети за хорор филмот со Ѓорѓи Јаневски, Јане Алтипармаков, Златко Ѓелески и Ивица Дукоски
18ч - Американскиот кошмар (The American Nightmare, 2000)
20ч - Жената (The Woman, 2011)
22ч - Халоуин загревање со Игор Калц и Danse Macabre

Понеделник, 31 октомври

18ч - Позади маската: подемот на Лесли Вернон (Behind the Mask: The Rise of Leslie Vernon, 2006)
20ч - Trick 'r Treat (2007)

Вторник, 1 ноември

18ч - Ловец на тролови (Trolljegeren, 2010)
20ч - Замрзнати (Frozen, 2010)

Среда, 2 ноември

18ч - Висока тензија (Haute tension, 2003)
20ч - Маченици (Martyrs, 2008)

Четврток, 3 ноември

18ч - Саканите (The Loved Ones, 2009)
20ч - Подмолно (Insidious, 2011)
22ч - МРАК со Теа Шалдева и Симеон Митев




Линкови за повеќе информации:


 http://mrakfest.blogspot.com/

http://www.facebook.com/event.php?eid=105411549571604